Неопходно е што поскоро да се формира влада и да се надмине политичката криза во Република Македонија, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справува со сите предизвици, констатирале на средбата претседателот Ѓорге Иванов и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Иванов, двајцата соговорници размениле мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и можностите за што поскоро разрешување на политичката криза.
Иванов укажал укажал дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгата статус-кво состојба на Република Македонија и побарал поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан и нагласил дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамки на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Претседателот истакнал дека надминувањето на политичката криза е од клучно значење за да може Република Македонија целосно да се посвети на европските реформи и да продолжи во остварување на евроинтеграциски цели.