Изби пожар на грчки остров, евакуирано локалното население

На грчкиот остров Кефалонија денеска изби пожар чие гасење го отежнуваат силниот ветер и високите температури, а жителите на населбата Капандрити се евакуирани од претпазливост.

Пожарот зафати шумско подрачје. Во гасењето учествуваат 38 пожарникари со три екипи на терен, осум возила, два канадери, еден воздушен трактор и два хелихоптери.

Како помош на локалните противпожарни служби се очекува дека со бродови ќе им стаса засилување во пожарникари и возила од Патрас и Килини.

Надлежните донесоа одлука за евакуирање на жителите на Капандритија, како мерка на претпазливост.

Според зборовите на градоначалникот Аргостоли Теофилос Михалатос, евакуацијата на локалното население направена е „од причина да се заштитат луѓето кои живеат во таа зона“.

Тој во изјава за новинската агенција АНА рече дека пожарот во Капандритија е „опасен поради силниот ветер кој дува во правец на таа област како и поради високите температури“.

(Фото: Архива)