Избран составот на ДИК

LinkSense.mk

Собранието на Република Македонија вчера вечерта во рамки на 56. седница со 100 гласа „за“, без ниту еден воздржан и против ги избра претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија (ДИК). Во продолжението на седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Изборниот законик (99 гласа „за“) и на законите за Влада и за финансирање на политичките партии (со по 101 глас „за“), по скратена постапка.

Оливер Дерковски од ВМРО-ДПМНЕ е избран за претседател на ДИК, а Дитмире Шеху од ДУИ за потпретседател. Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, Јанакие Витановски, Борис Кондарко и Радица Ристеска од СДСМ, како и Енвер Салиу од Беса ќе бидат членови на ДИК.

Собранието избра членови на ДИК и ги донесе измените на трите закони по договорот постигнат од парламентарните партии, а претходно и на лидерската средба во понеделникот.

Првично седница за овие точки на дневниот ред беше најавена за понеделникот вечерта, но и покрај изјавите на лидерите, имаше несогласувања меѓу парламентарните партии и седницата не се одржа. Така, откако беше постигнат финален договор и беше деблокиран изборот на ДИК, претседателот на Собранието Талат Џафери ја свика денешната пленарна седница.

По гласањето Џафери апелираше до политичките партии во иднина за се што ќе договорат до Парламентот да достават официјални материјали за да може да се постапува по нив. Тој, исто така, ги демантираше информациите во дел од медиумите дека седница не била свикана поради негови семејни причини, туку, како што потенцираше, тоа било поради тоа што немало договор меѓу партиите.

„Она што во иднина ќе го договорат политичките партии соодветно во писмена форма да го достават како официјален материјал до Собранието за да може Собранието да постапи. Очекувам дека наредните разговори што се одвиваат во однос на референдумот да го немаат истиот крај, туку навремено тоа што ќе го договорат партиите да го достават како соодветен предлог за да може Собранието да се изјасни по прашањето, истакна Џафери. Тој додаде дека кога се во прашање интересите на граѓаните Собранието ќе работи во кое било време од денот и ноќта и во кој било ден.

Привремениот состав на ДИК беше избран со двотретинско мнозинство по стариот модел, и за него, како и за измените на трите закони, гласаа и пратениците од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса, како што претходно беа договорени.

Со изборот на ДИК се создаваат услови за организирање и реализација на претстојниот есенски референдум за името, кој се очекува да биде распишан во сабота, а да се одржи на 30 септември.

И за составот на ДИК и за измените на трите закони воопшто немаше дебата ниту на пленарната седница, ниту на седниците на матичните комисии, кои експресно гласаа за нив за да може тие веднаш да бидат проследени на пленарна седница.

Со измените и дополнувањата на Законот за Влада се предвидува сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата, Собранието на Република Македонија да избере нова, преодна Влада за спроведување на парламентарни избори, предводена од нов претседател на Влада, кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Парламентот. Ќе бидат избрани и нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и тројца заменици министри, по теркот на „пржинската влада“.

Со измените на Изборниот законик, пак, се допрецизираат неколку одредби со цел да се дорегулира делот од Законот за платеното политичко рекламирање, финансиските средства кои се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, исплатата на трошоците за објавеното платено политичко рекламирање од страна на Министерството за финансии, како и други прашања поврзани со изборниот процес.

Законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии содржи одредби со кои се предлага, како што се наведува во образложението, допрецизирање на одредбите што се однесуваат на финансирањето, контролата на финансиските средства на политичките партии и казните за прекршувањето на одредбите од овој закон.