Иницијатива за нов стандард во креирањето на политиките во Град Скопје

Нов стандард во креирањето на политиките во Град Скопје преку артикулирање решенија за актуелните проблеми на урбаното секојдневие, е целта на иницијативата што ќе ја презенитраат денеска активисти од Граѓанскиот буџетски форум.

Граѓанскиот буџетски форум претставува механизам за непосредна демократија, преку кој жители на Скопје и активисти со познавања на локалните прашања ќе бидат директно консултирани за тоа како е неопходно да се развива нашиот главен град во следната година.

Целта на иницијативата е да прерасне во општа практика на автентична директна демократија, како форма на ефективно вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики кои се реализираат преку буџетот на Град Скопје.

На прес-конференција пред Град Скопје ќе биде објаснет форматот на форумот, ќе бидат објавени пријавените учесници од граѓанскиот сектор и ќе бидат соопштени темите кои се на агендата за демократска дебата и гласање.

На Форумот насловен „Моја заедница. Моја визија.“ што го организира Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. во соработка со Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, свои предлози ќе образложат На точак, Горјан Јовановски (Мој воздух), Една може, Полио плус, Биди зелен, Мама органа, Анима мунди, Меѓаши, Ромалитико, Е.Д.Е.Н., а како гости и учесници во дискусијата ќе се појават долгогодишни активисти и општествено ангажирани граѓани.

Настанот се одржува во рамки на истоимениот проект кој Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. го спроведува со финансиска поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел.