Две еколошки активистки денеска се залепија за столбовите кои го држат скелетот од диносаурус во Природонаучниот музеј во Берлин, за да протестираат против, како што велат, неуспехот на германската влада правилно да се бори против заканата од климатските промени.
Активистките користеле суперлепак за да се залепат за столбовите кои го држат скелетот на големиот четириножен диносаурус кој живеел пред десетици милиони години.
„За разлика од диносаурусите, нашата судбина е во наши раце. Дали сакаме да изумреме како диносаурусите или да преживееме?“, праша една од активистките Карис Конел (34).
Другата активистка, Солвиг Шинкоте (42), рече дека како мајка на четири деца се плаши од последиците од климатските промени.
„Овој мирен отпор е средството што го избравме да ги заштитиме нашите деца од смртоносното незнаење на владата“, наведе таа.
Музејот се уште не го коментираше овој протест.
Активистките се дел од групата „Бунт на последната генерација“, која последниве месеци изведе низа протести за да укаже на ризикот од климатските промени, а за време на еден од нив фрлаа пире на сликата на Клод Моне „Стогови сено“ во музејот „Барберини“ во Потсдам, Германија.

(Фото: „Дојче Веле“)







