Иран почнува судска битка за своите милијарди во САД

LinkSense.mk

Иран денеска отвора правна битка пред највисокиот суд на Обединетите нации за одмрзнување на милијарди долари од својот имот во САД, за кои Вашингтон вели дека мора да завршат во рацете на жртвите на терористичките напади за кои се обвинува Техеран.

Случајот пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) доаѓа во време кога бледнеат надежите за заживување на договорот со кој се стремеше да се ограничат нуклеарните амбиции на Иран, од кој поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече во 2018 година.

Техеран го тужеше Вашингтон пред МСП со седиште во Хаг, во 2016 година, откако американскиот Врховен суд нареди замрзнување на околу 2 милијарди американски долари ирански имот, наредувајќи парите да одат кај преживеаните и роднините на нападите за кои се обвинува таа земја.

Одлуката на американскиот суд ги вклучува бомбардирањето на базата на американските маринци во Бејрут во 1983 година, во кое загинаа 299 луѓе, вклучително и 241 американски војник, и бомбардирањето на кулите Хобар во Саудиска Арабија во 1996 година, во кое загинаа 19 луѓе.

Иран тврди дека замрзнувањето на имотот го прекршува Договорот за пријателство со САД од 1955 година, договор потпишан пред Исламската револуција во Иран во 1979 година да резултира со прекин на односите меѓу двете земји.

Техеран тврди дека САД незаконски ги заплениле иранските финансиски средства и имотот на иранските компании.

За иранските власти, кои се соочуваат со економски потешкотии по санкциите и зголемувањето на потрошувачките цени, решавањето на овој случај е од клучно значење.

Вашингтон неуспешно се обиде да го осигура отфрлувањето на тужбата тврдејќи дека иранските „валкани раце“ – референца за сомневања дека Техеран поддржува терористички групи – треба да ја дисквалификуваат тужбата на Иран за враќање на имотот од 2 милијарди долари.

САД во октомври 2018 година објавија дека се повлекуваат од Договорот за пријателство, откако МСП му нареди на Вашингтон да ги укине санкциите поврзани со нуклеарното оружје за хуманитарни стоки за Иран.

МСП е највисокиот суд на Обединетите нации и е основан по Втората светска војна за да ги решава споровите меѓу земјите-членки.

Неговите одлуки се обврзувачки и на нив не може да се вложи жалба, но нема начин да ги спроведе.

После денешното претставување на иранските претставници пред судот, американската страна ќе одговори на нивните аргументи во среда.