Иран: Уапсени 18 новинари од почетокот на протестите за смртта на Махса Амини

LinkSense.mk

Иранските власти уапсија 18 новинари од почетокот на протестите поради смртта на младата жена, Махса Амини, во притвор на полицијата, објави Комитетот за заштита на новинарите (CPJ).

„Од повеќе извори во Иран дознавме дека на 25 септември уапсени се најмалку 18 новинари, од кои неколку биле одведени ноќе од нивните домови ‘без судска наредба за нивно апсење’“, информираат од ЦПЈ.

Уапсени се и бројни борци за човекови права, меѓу кои и Хосеин Ронаги, кој се бори за слобода на изразување.

Ронаги побегнал од полицијата која дошла да го уапси додека тој давал интервју за „Иран интернешенел“, со седиште во Лондон, но полицијата го привела во саботата заедно со неговите адвокати, јавуваат медиумите.

„Во контекст на масовното насилство, иранските власти прво го ограничија пристапот до WhatsApp и Instagram, а сега ги приведуваат новинарите со јасна порака: не е дозволено ширење вести за протестите“, се вели во соопштението на Репортери без граници.

Од организацијата бараат итно ослободување на новинарите и итно укинување на сите ограничувања на правото на информации на Иранците.

Меѓу 18-те уапсени новинари е и Нилуфар Хамеди, која дошла во болницата каде што лежела Махса Амни во кома и со тоа придонела да се рашират информации за судбината на младата жена која починала три дена подоцна.

Според иранските медиуми, приведена е и фоторепортерката Јалда Моаири, која се прослави со нејзината фотографија од антивладините протести во ноември 2019 година.

Според последните податоци, најмалку 41 лице е убиено, а повеќе од 1.200 се уапсени, откако беше објавена смртта на Махса Амини на 16 септември.

Амини падна во кома откако беше приведена од страна на полицијата за „несоодветно носење хиџаб“, кој би требало да и ја покрие целата коса. Активисти и очевидци тврдат дека полицајци ја тепале по глава, но полицијата ги отфрла сите обвинувања и тврди дека починала од природна смрт.

Иранските верски водачи стравуваат од повторување на сценариото од 2019 година, кога 1.500 луѓе беа убиени во протестите поради покачувањето на цената на бензинот.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)