Речиси една третина од сите згради од холандскиот дел од карипскиот остров Свети Мартин се уништени како последица од ураганот Ирма, соопшти денеска холандскиот Црвен хрст.
Црвениот крст прегледал 5.500 објекти, а проценката ја изнел и врз основа на фотографиите кои му ги доставило холандското министерство за одбрана.
Холандскиот крал Вилхелм Александер кој го посети овој остров рече дека сцените на разорување после ураганот е нешто најстрашно што видел досега.
„Во својот живот видов многу воени зони и разорувања, но вакво нешто никогаш“, истакна кралот Александер.
Ураганот Ирма усмрти четири лица, а повредени се повеќе десетици на холандската страна на островот, чија втора половина припаѓа на Франција.
Првобитно ураганот, а потоа тропската бура Ирма, ослабе на ниво на тропско невреме, а веројатно дополнително ќе ослаби вечерва, соопшти американскиот Национален центар за урагани.
Сепак, Ирма, која моментно се наоѓа на околу 150 километри јужно и југозападно од Атланта со најсилни удари на ветрот од 55 километри на час, продолжува да донесува обилни врнежи ширум југозападот на САД, додаваат од центарот.
Делови од коралниот архипелаг Флорида Кис, опустошен со бурата, ќе им дозволат на жителите да се вратат денеска и да ја согледаат штетата која им ја направи ураганот, пренесува Ројтерс.
Повеќе милиони жители на Флорида останаа без струја, а голема штета е пријавена и во Флорида Кис, но поголемиот дел од таа сојузна американска држава избегна катастрофална штета од невремето, која беше предвидена.
Како што прецизира Би-Би-Си, околу 6,5 милиони домови во Флорида, што е вкупно две третини, се без струја.
Советникот во Белата куќа за внатрешна безбедност Том Босерт изјави претходно дека можеби ќе пројдат недели пред да можат многу жители да се вратат на Флорида Кис, затоа што ураганот ги оштетил мостовите.
Жителите на архипелагот мораа да се евакуираат од него Многу куќи и монтажни објекти останаа без покривите, а уништена е инфраструктурата.
Исто така, на брегот се насукани многу бродови кои претрпеа голема штета од ударите на ветрот.
Според наводите на медиумите, најмалку четири лица настрадаа во бурата на Флорида, која минатата недела усмрти 37 лица на Карибите.
Ирма е најсилната бура над Атлантикот во последните десет години, а според наводите на официјалните лица, десет лица ги загубија животите додека таа беснееше во Куба.
Голема штета е причинета на островите Теркс и Кејкос, а по едно лице загинаа на Барбуди и на Ангвили.
Најмалку тројца настрадаа во Порторико, пет на Британските, а четири на американските Девствени острови.
Властите на Северна Каролина соопштија дека еден настрадал од последиците на тропската бура во таа сојузна американска држава.
Градот Џексонвил на северозападот на Флорида, попладнево, издаде наредба за итна евакуација затоа што таму се очекува дека нивото на поплавите што се појавија после ураганот дополнително ќе порасне поради доаѓањето на плима.












