Исламски џихад му се закани на Израел: „За секој убиен ќе го бомбардираме Тел Авив“

Лидерот на палестинскиот Исламистички џихад, Зијад ал Нахала, му се закани на Израел на десетиот ден од прекинот на огнот со Хамас, постигнат со посредство на Египет.

„Убиството на кој било наш командант или војник, каде и да е, ќе доведе до тоа веднаш да одговориме со бомбардирање на Тел Авив“, наведе Ај Нахала.

Генералниот секретар на Исламистичкиот џихад зборуваше во саботата, повторувајќи претходни изјави на ирански генерали, пренесуваат светските медиумски агенции.

Командантот на Корпусот на иранската револуционерна гарда, генерал Исмаил Кани, на церемонијата во Техеран, ги „советуваше“ Израелците да си ги откупат куќите кои ги продале во Европа, Америка и во други држави, пред да поскапат, укажувајќи им дека е време да размислат за напуштање на палестински територии.

„Ги советувам сите ционисти да се вратат и да си ги откупат куќите што си ги продадоа низ Европа и Америка, додека не е доцна“, рече Кани.

Според неговите зборови, палестинскиот отпор покажал дека ционистичкиот режим мора да размисли за времето кога оваа земја повеќе нема да биде под нивна контрола.

Да потсетиме, после 11 дена интензивни воени судири, на 21 мај на сила стапи прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа во кој настрадаа на стотици луѓе, а беа оштетени многу објекти.

(Фото: АП)