Исправена една голема историска неправда: Членовите на Охридската Архиепископија повеќе не се сираци

LinkSense.mk

Со искажана радост за воспоставеното богослужбено и канонско единство на Охридската Архиепископија со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, вчера во вселенскиот Соборен храм „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул се одржа првата заедничка Патријаршиска и синодална света литургија на екуменскиот патријарх Вартоломеј и архепископот Стефан по повод празникот Педесетница (Духовден) – Слегување на Светиот Дух и роденден на Црквата, како централен настан од неколкуденвната посета на нашата црковна делегација на Вселенската Патријаршија.

Во реакција на литургијата, на која архиепископот Стефан на македонски јазик богослужеше заедно со патријарх Вартоломеј и архиереите на Вселенската Патријаршија, претседателот на државата Стево Пендаровски оцени дека бевме сведоци на историски чин за нашата македонска национална историја, со што нашата Црква е во канонско единство во православниот христијански свет. Премиерот Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на Литургијата и на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш“, оцени дека вчерашниот е голем историски ден, затоа што после векови Охридската архиепископија сослужува заедно со Вселенската патријаршија и е исправена една голема историска неправда.

Петдневната посета на Фанар на црковната делегација, предводена од поглаварот на Охридската архиепископија, архиепископот Стефан, а во чиј состав се и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец“, завршува денеска со богослужба во црквата „Св. Тројца“ близу плоштадот Таксим во Истанбул.

Богослужбата ќе ја одржи г. Стефан во сослужеништво на владици на Охридската архиепископија, а на неа на тронот ќе стои не служејќи и патријархот Вартоломеј, односно тој ќе присуствува на литургија што ќе ја служи нашиот архиепископ.

Во обраќањето по завршувањето на вчерашната Патријаршиска и синодална света литургија, архиепископот Стефан испрати порака до патријархот Вартоломеј за добивање автокефален статус на Охридската архиепископија, нагалсаувајќи дека кај него се „принадлежностите и правата за доделување автокефалност“.

„Добро ви е познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква. Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…. , рече меѓу другото г. Стефан.

Тој му порача на Вартоломеј дека во него е одговорноста на Мајката Црква за добробитот и преуспевањето на православното семејство.

„При Вас се принадлежностите и правата и не молиме повеќе и поинаку од она како што постапивте со доделувањето на автокефалиите низ историјата, па и во современието. Без да поставуваме аналогија со зборовите на Мудриот Соломон, а имајќи го предвид одговорното и служечко првенство и привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе речеме: „Имаш голема сила, и кој може да се дигне против силата на Твојата мишка? …сите ги милуваш… сè запазуваш …ги сакаш душите“, рече архиепископот Стефан.

Тој натаму нагласи дека нашиот завет е дека „упорно ќе работиме на своето издигнување и дека трпеливо ќе го чекаме тоа благопријатно време, кога радосната објава на Великата Христова Црква за нас, пропратена со веселото биење на црковните камбани, ќе ги преисполни со неопислива радост срцата на нас современите и ќе ги смири духовите на упокоените“.

„На денешниот Празник, ние, членовите на Охридската Архиепископија, почувствувавме дека не сме сираци, туку, откако се најдовме во татковската прегратка на Неговата сесветост, возљубениот патријарх г. Вартоломеј, прифатени и возљубени, сослужуваме со приносителот на денешната заедничка жртва од „сите и за сè“, учествуваме во смислата на таинството на Педесетницата кога Божјата благодат се разделува неразделно меѓу разделените, додаде г. Стефан.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј од своја страна по литургијата изјави дека на крајот на денешното историско сослужување во „сечесниот Патријаршиски Храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму“.

„Особено се радуваме за личното присуство на превосходниот претседател на Владата на Северна Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас, додаде патријархот Вартоломеј.

Тој изрази верба дека овој настан значи целосно разбирање од наша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон нашиот народ, но и за одговорноста која се понесува, влегувајќи во Сеправославниот свет.

На вчершната литургија покрај премиерот Ковачевски, која и ја предводеше владината делегација во чиј состав беа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, присуствуваа и пратеници во Собранието и околу 700 верници од државава кои самоорганизирано допатуваа во Истанбул да присуствуваат на овој историски чин.

По литургијата членовите на владината делегација беа примени од патријархот Вартоломеј, кој имаше и тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски. По средбата Ковачевски изјави дека Охридската древна архипескопија секогаш била рамо до рамо со Вселенската патријаршија, како татко и син, како мајка и ќерка, како брат и брат, сослужител со служител.

„Затоа денеска целиот наш народ, сите наши православни верници со големо воодушевување ја примија веста за ова заедничко сослужување за коешто јас искрено верувам дека после примањето во сослужување и канонско единство на нашата Црква ќе биде крунисано и со издавање на томос од страна на Вселенската патријаршија, рече Ковачевски.

Патријархот Вартоломеј, посочи дека добил покана од премиерот Ковачевски да ја посети нашата земја и изрази надеж дека „во еден момент ќе ја има радоста да оствари една таква посета, возвраќајќи му на неговата денешна посета во центарот на Православието“.

„Бидете уверени сите во Северна Македонија дека нема да ги изневериме вашата доверба и очекувања. Долг на мајката Црква е да биде до нив и да им помага на нејзините ќерки, а особено вашата Црква која околу шест децении се измачуваше одделена од останатите православни, рече г. Вартоломеј по средбата со премиерот Ковачевски.

Тој додаде дека во текот на овие 30 години откако е патријарх, добивал покани од наши претседатели и премиери да ја посети земјава, но секогаш кажувал дека таа не може да се реализира се додека не се оствари заедницата меѓу Вселенската и нашата Црква.

„И ете Бог благослови да ја имаме таа заедница и денеска да се причестиме од истиот путир и се надеваме ќе ја имаме таа прилика за посета. На овој голем историски ден го испраќам благословот кон благочестивиот народ на Северна Македонија, посакувам вашата земја да стане член на Европската Унија. Од страна на Вселенската патријаршија ве прегрнувам сите вас со родителска грижа и љубов, порача г. Вартоломеј.

Вчерашната Литургија беше врвот на историски важните настани за нашата Црква што се случуваа изминативе денови во Истанбул, кои започнаа во четвртокот со вечерната богослужба во ставропигијалниот манастир „Балаклија” по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“, по која патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, а продолжија со празничната Божествена литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј Победоносец“ во петокот по повод именденот на вселенскиот патријарх, на која молитвено присуствуваа и членовите на нашата црковна делегација.

Во реакција на настаните од изминативе денови министерот за надворешни работи Бујар Османи изрази благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј „за приемот на Охридската Архиепископија во канонско единство со другите православни цркви“, чекор со кој, според него, се отстранува повеќедецениската изолација и се отвора патот за добивање автокефалност во периодот што следи.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска по средбите во Вселенската патријаршија во објава на Фејсбук наведе дека добиле уверување оти целиот процес на признавање на автокефалноста наскоро ќе заврши со потпишување на томосот од страна на вселенскиот патријарх. – Со заедничкото денешно богослужење и врачувањето на актот за прифаќање во литургиско единство од вселенскиот патријарх на архиепископот г. Стефан, е направен голем исчекор до добивање на томос за целосна автокефалност, додаде Петровска во објавата.

Министерот за внатрешни работи, исто така, во објава на Фејсбук, оцени дека вчерашната литургија е историски настан со којшто се исправа долгата неправда врз македонската Црква. – Дозволете да го искажам впечатокот од настан којшто се повторува после два и пол века, кога за последен пат сослужувале литургија македонски архиепископ и вселенски патријарх, наведе Спасовски во објавата, посочувајќи дека тоа е „голема радост за македонскиот народ, за сите православни верници кои со своите молитви, жртва и надеж, придонесоа за враќањето на христоносниот народ во Мајката Црква и за прогласувањето на МПЦ-ОА за канонска и валидна во сеправославниот свет“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека Црквата е еден од важните столбови на кои се темели нашето идентитетско распознавање, посочувајќи дека „сме се соочувале со бури и ветришта, но секогаш кога сме биле обединети помеѓу себе, заедно со народот, секогаш кога сме се бореле заедно, сме победувале и сме надминувале сѐ. – Така е и денеска кога се извојува важна победа за нашата МПЦ-ОА!, наведе Мицкоски во објава на Фејсбук.

Според портпаролот на МПЦ-ОА, отец Бобан Митевски со одржувањето на првата заедничка Патријаршиска и синодална света литургија, се доловува смислата на она што ние го бараме во последните 55 години, а тоа е канонското и литургиското единство.

„Денеска ние сме сведоци на тој историски момент, кога нашата црква официјално влегува во канонското и литургиско единство со сите цркви, односно праксисот којшто неговата сесветост патријархот Вартоломеј го даде и предаде на архиепископот во четвртокот денеска всушност влегува во сила. Денеска, ја добива својата суштина, преку заедничкото сослушување и причестувањето од едниот путир, истакна вчера во Истанбул протојереј Митевски.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Во однос на тоа кога би можеле да го очекуваме томостот за автокефалност на Охридската архипископија од вселенскиот патријарх, отец Митевски вели дека треба да бидеме трпеливи, затоа што најважно е канонското единство, а не парчето хартија.

„Најважно е воспоставувањето на литургиското и на канонското единство. Томосот ќе дојде, тогаш кога за тоа ќе оцени Вселенската патријаршија и ќе оцени вселенскиот патријарх, којшто е единствениот надлежен – го потпишува и го издава томосот според православната еклисиологија и нема друга еклисиологија надвор од тоа. Така што ова е важниот момент да се радуваме и уживаме во овој момент, а не да очекуваме нешто кое ќе дојде со времето и за кое треба да бидеме трпеливи, додаде Митевски.

МИА