Италија: Антиваксерите и неонацистите маршираа заедно

Агенцијата Анса пишува дека протестите против воведувањето на „зелените пропусници“, кои вчера се одржаа ширум Италија, ги искористија неофашистите за да маршираат јавно.

Официјално протестираа како „слободни граѓани“ но, без каков било сомнеж, на почетокот на демонстрациите беа јасно истакнати симболите на неофашистичките организации „Каза Паунд“ и „Форца Нова“.

Се разбира, не беа сите фашисти што протестираа против воведувањето на потврдите за вакцинација, „зелени пропусници“, но е исто така јасно дека демонстрациите ги организираа и со нив раководеа лица кои припаѓаат на екстремно десните организации“, се наведува во текстот на Анса.

Меѓу учесниците на протестот во Рим беше и лидерот на неофашистичката „Форца Нова“, Џулијано Кастелино, кој дури не смеел да биде на јавно место, затоа што е под „специјален полициски надзор“.

Неофашистичките групи и порано ги користеа јавните протести за да ‘излезат на улица’“, потсетува агенцијата.

Пролетта минатата година демонстрираа против носењето на заштитни маски, а во октомври повторно против карантинот, една од анти-ковид мерките.

Во Рим вчера околу 3.000 демонстранти протестираа против воведувањето на „зелена пропусница“, извикувајќи пароли против премиерот Марио Драги, споредувајќи го со Хитлер и поздравувајќи ги насобраните со таканаречениот „римски поздрав“, со подигнување на десната рака, што беше официјален поздрав на германските нацисти, а во Италија е официјално забранет.

Во протестите вчера ширум Италија учествуваа илјадници граѓани, но испитувањето на јавното мислење покажува дека таквите се сепак во малцинство.

Најновата анкета, на која се повикува агенцијата Аги, покажува дека само 11 отсто од Италијаните се против анти-ковид вакцинацијата.