И советникот во Белата куќа, Стивен Милер, позитивен на коронавирус

Советникот во Белата куќа, Стивен Милер, вчера соопшти дека е позитивен на ковид-19, што е најнов случај на инфекција со вирусот во најблиското опкружување на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Во последните пет дена работев од далечина и бев во самоизолација. Тестовите беа негативни секој ден се до вчера, рече Милер, кој по позитивниот тест се повлекол во карантин.

Трамп во понеделеникот се врати во Белата куќа по трите минати ноќи во воената болница „Валтер Рид” поради инфекција со коронавирус. При излегување им порача на Американците да не се плашат од коронавирусот и да не дозволат да завладее со нивните животи.

Заменик-секретарот на Белата куќа, Брајан Моргенштерн за „Си-Ен-Ен“ доцна синоќа изјави дека во Белата куќа нема нови случаи на инфекција со коронавирус, освен во случајот на Милер.

Сопругата на Милер, Кети Милер, портпаролка на потпретседателот Мајк Пенс, беше позитивна на коронавирус во мај.