Камала Харис ја прифати демократската кандидатура за потпретседателка на САД

Камала Харис ја прифати номинацијата на Демократската партија за потпретседателски кандидат на американските претседателски избори, а за време на нејзиниот говор по номинацијата, како прва темнокожа Американка со азиско потекло, ја истакна важноста на 100-годишнината од 19. амандман на Уставот на САД што на жените и овоможи да гласаат.

Таа истакна дека оние жени кои го освоиле тоа право „се наша инспирација да ја продолжиме борбата“. Спомнувајќи ги жените што ја инспирирале, Харис зборуваше за нејзината мајка и за вредностите на сочувство за сите луѓе што таа и ги пренела.

Харик во говорот кажа дека е „посветена на вредностите на кои таа ме научи (мајка ми), посветена на тоа да научам да чекорам со вера, а не со поглед, посветена на визијата што ја споделуваат генерации Американци – таа што ја негува Џо Бајден“.

-Тоа е визијата на нашата нација како сакана заедница, каде сите се добредојдени, без разлика на изгледот, потеклото или кого сакаме, посочи таа.

Иако поголемиот дел од нејзиниот говор откако ја прифати кандидатурата беше позитивен, Харис го предизвика и претседателот Доналд Трамп и ги прозва теориите на заговор и расизмот во денешна САД, што често пати се поврзани со Белата куќа.

-Денеска оваа нација се чувствува одалечено. Неуспехот на лидерството на Доналд Трамп не чинеше животи и животни шанси, додаде Харис.

Ден претходно, на годинашната конвенција на Демократската партија, Џо Бајден ја прифати номинацијата за демократски кандидат за претседател на годинашните претседателски избори, каде што неговиот републикански ривал ќе биде сегашниот претседател Доналд Трамп.