Канада ги отвори границите за вакцинирани гости од САД

Канада денеска ја укина забраната за премин на границата на Американците заради купување, одмор или посета, додека САД ги задржаа сличните ограничувања за Канаѓаните.

Американските државјани и ониуе кои имаат дозвола за престој мораат да бидат потполно вакцинирани и да поседуваат негативен тест на ковид-19 не постар од три дена за да ја поминат едната од најдолгите и најпрометните копнени граници на светот, а канадските официјални лица предупредуваат дека нема да ја жртвуваат безбедноста заради краткото чекање на границата, пишува новинската агенција АП.

Посетителите, исто така, мораат да ја пополнат деталната пријава на доаѓање (Кан апликацијата), пред преминувањето на границата.

Американско-канадската граница е затворена за неесенцијални патувања од март 2020 година заради обид за забавување на ширењето на корона вирусот.

САД соопштија дека ќе го продолжат затварањето на границата за сите Канаѓани кои патуваат на неесенцијални патувања најмалку до 21 август, што, исто така, се однесува и на мексиканската граница.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден, меѓутоа, почна да прави планови за постепено повторно отварање.

Главното барање ќе биде тоа речиси сите посетители да мораат да бидат вакцинирани против корона вирус.