Квалификации за СП: Македонија ја прегази Германија

Македонија во третото коло од Групата Ј за квалификации за Светското првенство во 2022 година во Катар, на гости, во Дуизбург, ја победи фаворизираната Германија со 2:1.

Македонскиот национален состав е првата репрезентација што ја победила Германија во квалификациски натпревари за Светско првенство после 35 натпревари.

Храбрите момчиња предводени од капитенот Горан Пандев одлично се носеа со реномираниот германски тим, а поведоа во втората минута од продолжението на првото полувреме, кога извонредната акција со гол ја заврши токму најискусниот, Пандев.

Долго нашите фудбалери комбинираа околу шеснаесетникот на домаќините, Барди упати нешто меѓу удар и нафрлување на врвот на петерецот, а таму потполно сам беше Пандев кој само ја сврте топката во голот за 0:1.

Германија изедначи во 63 минута со голот на Илкај Гундоган од пенаш што го направи Алиоски со старт над Сане.

Домаќините притискаа и се обидуваа, но не направија некои посериозни шанси. Македонските фудбалери одлично се бранеа и до победата дојдоа во 85 минута.Адеми прими одлична топка во шеснаесетникот на домаќините и на врв на петерецот „како на тацна“ го послужи својот соиграч Елиф Елмаз кој рутински погоди за 1:2.

Се играа дури седум минути судиско продолжение, но Германија не успеа да дојде до бод.

Сега, после три одиграни кола, водечка на табелата е репрезентацијата на Ерменија со максимални девет бодови, а по три помалку имаат Македонија и Германија.

Ангеловски: Радувај се Македонијо и слави ги овие херои

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, целата заслуга за историскиот триумф над Германија ја препиша на неговите избраници.

„Моите фудбалери се изборија за овој историски успех. Победивме четирикратен светски и трикратен европски шампион кој имаше 20-годишна традиција без пораз. Кој, ако не ние, односно нашите фудбалери не ја срушат таа традиција. Тие се нашите спортски херои, тоа се истите оние кои ја кренаа на нозе нацијата по пласманот на Европското првенство. Радувај се Македонијо и слави ги овие херои. Се уште не сме свесни што направивме“, рече Ангеловски по натпреварот.

Македонскиот селектор победата ја посвети на македонскиот народ, на целиот медицински персонал, на неговите деца и на неговата сопруга која пред само неколку дена излезе од болница по прележан коронавирус.

Ангеловски побара да не се создава еуфорија и, како што рече, спуштени на земја да се продолжи понатаму во трката за пласман на Светското првенство, како и настапот на Еверо 2020 претстојното лето.

 

Заев: Честитки за нашите борци

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, им ја честиташе историската победа на македонските фудбалери остварена вечерва на гостувањето кај Германија.

„Честитки за нашите борци кои ни носат нови победи и нови подвизи. Имаме победа над селекцијата на Германија на квалификациите за Светското првенство во Катар 2022. Во овие тешки времиња, моментите на радост и гордост што македонските репрезентативци ни ги носат се потребни и добредојдени во секој дом“, напиша Заев на Фејсбук.

 

 

(Фото: МИА)