КЗБ предлага задолжително најмалку една вакцина или ПЦР тест за вработените во јавниот сектор

LinkSense.mk

Сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работното место да прикажат потврда за примена најмалку една примена вакцина или ПЦР негативен тест, кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. За овие мерки било одлучено на вчерашниот состанок на Комисијата за заразни болести (КЗБ), која предлозите ќе ги достави до Владата.

Освен вакцинација и ПЦР тест, Комисијата предлага вработените да прикажат или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена или пак потврда од лекар специјалист дека не можат да ја примат вакцината. Се препорачува и задолжителна вакцинација за сите здравствени работници.

Министерот за здравство Венко Филипче препорача кон овие мерки да се приклучат и приватните компании.

Предложените мерки од Комисијата, беа поддржани од Стопанската комора, која предлага тие да важат и за приватниот сектор, но не наидоа на поддршка од синдикатите, кои остро се спротивставуваат на, како што велат, „присилна вакцинација“.

За Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.

– Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против волјата на поединецот, стои во реакцијата на ССМ.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) реагираше на најновите мерки за вработените во јавниот сектор што ги предлага Комисијата за заразни болести, оценувајќи дека со нив се кршат основните човекови права и побара Владата да размисли пред да ги донесе.

Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да не се применуваат.

И Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) не се согласува со најновите мерки што вчера ги предложи Комисијата за заразни болести, а се однесуваат на вработените во јавниот сектор. 

– Како синдикат сметаме дека е неприфатливо да се наруши слободниот избор на работници по однос на прашањето за имунизација од Ковид 19Мнозинството од работници се веќе вакцинирани, но постои и дел од вработените кои решиле да не се вакцинираат поради лични или здравствени причини и синдикатот силно го почитува нивниот избор. Како КСОМ ја поздравивме кампањата и едукацијата на работниците по однос на вакцинацијата, но на крајот секој поединец сам носи одлука за сопственото тело, се вели во реакцијата.

Според КСОМ, задолжителната вакцинација е неуставна и доколку се спроведе, најавуваат синдикални протести и покренување на иницијатива пред Уставниот суд.

Од Министерството за здравство вчера доцна попладнето реагираше на изјавите на синдикатите за „присилна вакцинација“.

– Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно, доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат, не се присилени да го направат тоа, велат од МЗ, посочувајќи дека такви мерки веќе се воведени во многу земји во Европа и регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и Грција, каде одамна се во сила.

Вчера реагираше и Сојузот на стопански комори (ССК), кој соопшти дека се залага за стимулативни мерки ќе дадат подобар резултат.

– Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни, ќе се постигне со стимулативни мерки и навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност, наведува ССКМ.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека болниците ги оптоваруваат пациентите кои се заболени од КОВИД-19, а се невакцинирани. Тие се некаде близу 80 проценти од вкупниот број на КОВИД-пациенти кои се лекуваат во нашите болнички установи.  

– Многу е тешко со сигурност да се каже во која насока ќе оди епидемиологијата, меѓутоа ние мора да се подготвуваме за лошите сценарија кои значат преоптоварени болници, полни ковид-центри и други одделенија кои ги пренаменуваме да бидат одделенија за ковид-пациенти. Тоа не може да оди до недоглед, истакна Филипче, во врска со епидемиолошката состојба со Ковид-19 во државата.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај за состојбата со коронавирусот во земјава забележа намалување од 8,1 отсто на бројот на новозаразени од Ковид-19 минатата седмица во споредба со претходната.

Од 8 до 14 ноември од Ковид-19 заболеле 3.218 лица, што е за 286 помалку од периодот меѓу 1 и 7 ноември.

Минатата недела се тестирани  21 346 лица, за 3,5 отсто помалку од претходната седмица. Стапката на позитивност се движи од 10,7 до 20,4 отсто, а просечно 14,8 проценти.

Најмногу новозаразени има во Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапени се лицата над 60 години (4,6 проценти). Најмалку заболени се регистрирани кај возрасната група од 0 до 9 години (3,2 проценти). Според полот, 52,1 отсто од заболените се жени, а 47,9 мажи.

Пријавени се 77 смртни случаи, најмногу од возрасната група над 60 години.

Хоспитализирани биле 534 пациенти, од кои 343 на кислородна поддршка и 21 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација. Минатата недела се евидентирани и 2 660 оздравени лица.

ИЈЗ регистрирал и 36 реинфекции, што е за 26,5 отсто помалку во однос на претходната недела. Заклучно со 14 ноември вкупно се пријавени 822 реинфекции, што е 0,39 отсто од вкупниот број на досега заразени кој изнесува 209 449 лица.

Вчера беа регистрирани нови 476 случаи на Ковид-19 од направени 3.145 тестирања, вкупно 13 починати, од кои девет во претходното деноноќие, а четири пријавену преку системот „Мој Термин“ со претходни датуми на смрт и 279 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.436.695 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 210.447, бројот на оздравени пациенти е 194.625, на починати е 7.367, а бројот на активни случаи изнесува 8.455.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 3846, Битола – 659, Прилеп – 425, Велес – 370, Кавадарци – 335, Куманово – 315. Во другите градови има под 300 активни случаи.
 

Вакцинацијата се одвива непречено. Досега се ревакцинирани 48 отсто од полнолетните граѓани, а 58.132 примиле трета доза.

Заклучно со 16 ноември вкупно се вакцинирани 817.079 граѓани, а ревакцинирани се 786.941.

Педесет и седум отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 48 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираат од Министерството.

Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера соопшти дека состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и сѐ додека е така, наставата ќе се одвива со физичко присуство.

– Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија. Но засега сѐ укажува дека состојбата е стабилна и дека учениците се безбедни во училиштата,  изјави вчера Царовска.

Таа соопшти дека над 75 отсто од наставниците се вакцинирани, што е двојно повеќе од националниот просек, под 1 процент е бројот на позитивни и активни случаи во училиштата.

Според светската статистика, досега од коронавирус се заразиле над 255 милиони жители, починале повеќе од 5,1 милиони, а оздравеле околу 231 милиони луѓе.

Главниот медицински советник во Белата куќа, Ентони Фаучи предупреди дека слабеењето на ефектот на вакцините во комбинација со високо преносливата Делта варијанта на коронавирусот ќе доведе до двоен удар, што ќе ги погоди и вакцинираните луѓе. Според Фаучи, третата доза ќе стане стандард за „целосна вакцинација“ против Ковид-19.

Светската здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека бројот на смртни случаи во Европа минатата недела се зголеми за пет отсто и дека континетот е единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од Ковид-19.

СЗО додаде дека бројот на потврдени случаи на инфекцијата на глобално ниво е зголемен за шест отсто.

Од 1 декември во Шведска ќе биде задолжителна здравствена пропусница за настани во затворени простории со повеќе од 100 луѓе, соопшти вчера шведската Влада.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја нарече драматична актуелната епидемиолошка состојба во Германија и побара од идната влада да ја продолжи епидемиолошката вонредна состојба, што дава правна основа за воведување мерки против пандемијата.

Прославата на Новата година на отворено во Црна Гора, доколку се дозволи, нема да биде можна без ковид потврда, изјави министерката за здравство Јелена Боровиниќ Бојовиќ. Според важечките мерки, се забрануваат големи собири на отворено, а други настани се одржуваат со задолжителна потврда и ограничен број луѓе.