Ким Јонг тестираше нова ракета

LinkSense.mk

Северна Кореја соопшти дека тестираше тактички наведуван проектил, којшто јужнокорејската и јапонската војска го опишале како балистичка ракета од краток домет.

Лансирањето беше второ кое Северна Кореја, на чело со претседателот Ким Јонг Ун, го изведе за само една недела, а коинцидираше со првата конференција за новинарите на новиот американски шеф на Белата куќа, Џо Бајден.

Набрзо откако Северна Кореја го потврди лансирањето, Вашингтон ја осуди засилената ракетна активност на Пјонгјанг, оценувајќи ги тестовите како „дестабилизирачки“.

Претходно, официјален Пјонгјанг исклучи каков било контакт со новата американска администрација додека Вашингтон „не ја напушти непријателската политика“. Тие, наводите на Вашингтон дека Северна Кореја претставува непосредна закана, ги нарекоа „налудничава теорија“.

Новиот тестиран проектил користи подобрени мотори на цврсто гориво и потешки боеви глави, чија тежина е 2,5 тони.

Владеачката Работничка партија на Северна Кореја соопшти дека проектилите „ја погодиле целта поставена во морето на 600 километри од источниот брег на Кореја“.

Според претходните проценки на јужнокорејската војска, проектилите се истрелани од севернокорејската провинција Јужен Хамгионг и прелетале околу 450 километри пред да паднат во Јапонското море.

Лансирањето во четвртокот следеше само четири дена откако Северна Кореја истрела две крстаречки ракети од краток домет во Жолтото море, меѓу Корејскиот полуостров и Кина.

Иако лансирањето на крстаречките ракети не е изразито забрането во рамки на резолуцијата на Обединетите нации за Северна Кореја, забрането е испшитување на балистички проектили.

Овие лансирања ги кршат резолуциите на Советот за безбедност на ОН и му се закануваат на регионот и пошироката меѓународна заедница“, оцени американскиот Стејт департмент.