Кинески медиуми: Кина нема да ја прифати американската „кражба“ на ТикТок

Кина нема да ја прифати американската „кражба“ на кинеската технолошка компанија за снимање кратки видеа „ТикТок“, објавија денеска кинеските државни медиуми.

Притисокот на администрацијата на Трамп врз кинеската компанија „Бајт Денс“ (ByteDance), матичната компанија на „ТикТок“, да го продаде својот американски бизнис или да ризикува укинување е еднакво на принципот „раскини и грабај“, пишува државниот весник „Чајна Дејли“.

Иако Пекинг веројатно ќе биде „претпазлив“ при наметнување еднакви ограничувања на американските компании во Кина, има „многу начини“ за одмазда, пишува весникот.

Мајкрософт вчера соопшти дека е во разговори со „Бајт Денс“ за купување делови од „ТикТок“, откако американскиот претседател Доналд Трамп им даде на компаниите 45 дена да постигнат договор. Трамп првично се закани дека ќе го забрани „ТикТок“ во САД заради национална безбедност.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео во текот на викендот изјави дека Вашингтон би можел „наскоро“ да преземе постапка против „ТикТок“ и другите кинески компании за кои се верува дека споделуваат податоци со кинеските власти.

„Бајт Денс“ во неделата соопшти дека и натаму има за цел да биде глобална компанија и покрај „сложените и незамисливи тешкотии“ што вклучуваат „напнато“ меѓународно политичко опкружување.