Кипарскиот поглавар ги суспендира невакцинираните свештеници

LinkSense.mk

Поглаварот на Кипарската православна црква денеска најави дека ќе суспендира десетина свештеници од својата епархија бидејќи одбиле да го послушаат неговиот повик да се вакцинираат против ковид-19.

Архиепископот Хризостом Втори во интервју за државната телевизија ЦБЦ (CyBC) рече дека повеќето од свештениците се теолози кои натерале некои од верниците да не се вакцинираат, пренесе АП.

Архиепископот непослушноста на свештенството ја нарече „нечуено“ и предупреди дека суспензиите може да бидат продолжени на шест месеци или да доведат до отпуштање на свештените лица.

Тој истакна дека некои од невакцинираните свештеници се охрабрени да му пркосат поради неговата лоша здравствена состојба.

Хризостом Втори гласно ја поддржа вакцинацијата за сите верници, а највисокото црковно тело кое ги донесува одлуките, Светиот синод, упати јасен апел до народот за вакцинација.

Бројот на новозаразени лица во Кипар во последните неколку недели се намалува, но сè уште е висок, како и бројот на хоспитализирани ковид пациенти, а здравствените власти тврдат дека системот не е загрозен, наведува АП.

Во јануари е забележан вториот најголем број на смртни случаи поврзани со корона вирусот на Кипар.