Македонија ќе ги почне преговорите за членство во Европската унија во 2019 година, смета генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. Ова, вели, е голем успех за Македонија, постигнат со силна желба за подобра сегашност и иднина на сите граѓани.
„Македонија е препознаена како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи и општествен дијалог. За само една година Македонија успеа да направи квантен скок. Од ‘заробена држава’ заедно успеавме да се вратиме на вистинскиот пат, на евро-атланскиот пат на иднината“, посочи Кирацовски на денешната прес конференција.
Тој, меѓу другото, подвлече дека заедничкиот успех е препознаен, признат и соодветно вреднуван и го категоризираше истиот како резултат од спроведувањето на реформите и политичката волја за продолжување по тој пат.
„Македонија тргна напред и нема враќање назад. Патот на реформи и процесот на градење на Македонија како држава по европски правила е неповратен процес.
Отворањето на преговорите за полноправно членство во ЕУ е дополнителен поттик на процесот на реформи. Како партија предводник на промените остануваме уште попосветени, уште помотивирани на започнатиот реформски процес што е во интерес на граѓаните и државата“, рече Кирацовски.