Клеман Бон: Има волја во Софија и Скопје проблемот да се реши што поскоро, Франција е подготвена да помогне

LinkSense.mk

Франција смета дека во моментов не може да се одреди конкретен датум за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Мора да се најде решение за проблемите меѓу двете земји што е можно поскоро, но поставувањето рокови може да ја наруши динамиката на процесот. Ова пред новинарите во Софија по завршувањето на посетата го изјави францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Клеман Бон рече гледа волјата кај новата бугарска влада и кај македонските власти во Скопје да го продолжат дијалогот. Според Клемент Бон, Франција е подготвена да го поддржи овој процес како партнер и како следен претседавач со Советот на ЕУ.

За да се зачува стабилноста на Балканот, рече тој, Франција не може да чека предолго, но во исто време мора да имаме разбирање за проблемите што Бугарија и Северна Македонија треба да ги решат.

– Ја напуштам Софија со самодоверба и надеж, бидејќи од бугарските власти слушнав волја да се најде решение што е можно поскоро, изјави Клеман Бон.

Тој потсети дека Франција побарала нова методологија за преговарање со земјите кои веќе ги започнале преговорите, како Србија и Црна Гора, како и оние кои допрва треба да преговараат, како Северна Македонија и Албанија. Овие преговори веќе не треба да бидат правни, технократски и автоматски, мора да има политички и реверзибилен процес во дискусиите за проширувањето, нагласи францускиот државен секретар за европски прашања.

За време на посетата на Софија, Клеман Бон беше примен од претседателот на Бугарија Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска.

 

 

МИА