Ковачевски – Тигањ: Хрватска со поддршка за европерспективите на Северна Македонија

LinkSense.mk

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во нашата држава.

На состанокот е изразена јасна и силна поддршка за европските перспективи на земјава. Пренесена е определбата дека Република Северна Македонија, освен во НАТО, треба да се интегрира и во Европската Унија, бидејќи е тоа од значење за целиот регион, но и за Унијата. Во таа насока се очекува успех во изнаоѓањето решение помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што ќе овозможи отворање на преговарачкиот процес со ЕУ.

„Воспоставивме однос на меѓусебно почитување и работиме на решенија базирани на европските вредности. Од двете страни зависи дали енергијата ќе биде преточена во конструктивен дијалог, но постои позитивна енергија во разговорите и отвореност за меѓусебно разбирање“, рече премиерот Ковачевски.

Тој соопшти дека заедно со Владата е фокусиран и на клучните прашања од директен интерес на граѓаните, при што се веќе направени конкретни постигнувања со покачувањето на минималната плата на 18.000 денари и во делот на социјалните трансфери, како што се субвенциите за плаќање електрична енергија.

На средбата се разменети мислења за прашања преку коишто Република Северна Македонија може да извлече практични и корисни искуства од Република Хрватска, значајни за евроинтеграцискиот процес.

Исто така е оценето дека постои големо и искрено пријателство помеѓу двете држави, коишто годинава ќе одбележат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, дека билатералните односи се унапредени и дека во следниот период, посебно внимание ќе биде посветено на зголемувањето на трговската размена и на економската соработка.