Ковеси ги повика Бугарите: „Пријавете корупција!“

Главната обвинителка на Европската унија, Лаура Ковеси, ги повика денеска граѓаните на Бугарија да се јават во Европското јавно обвинителство, во новоформираното тело на Европската унија на чие чело е, и да пријават сериозни кривични дела поврзани со корупција.

Таа рече дека Европското јавно обвинителство, кое ќе се занимава со истраги, гонење и приведување на оние кои чинат кривични дела против буџетот на Унијата, им служи на европските граѓани и дека секоја нивна пријава ќе биде истражена.

Ковеси одржала состаноци со бугарските власти за што поскоро да бидат избрани шест нови кандидати од таа земја за делегирани обвинители, откако нејзината канцеларија претходните ги прогласи за неподобни за таа работа.

Таа рече дека е пронајдено решение и додаде дека новите кандидати требало да бидат независни и искусни во борбата против корупцијата, перењето пари и сите други кривични дела од надлежноста на нејзината канцеларија.

Бугарија, која партнерите во Европската унија во повеќе наврати ја предупредија заради недоволно ефикасна борба против корупцијата, е прва земја која Ковеси ја посети откако стапи на должност пред 10 дена.

Нејзината посета доаѓа откако Соединетите Американски Држави на почетокот на месецов воведоа санкции за три државјани на Бугарија и 64 фирми со кои тие управуваат, обвинувајќи ги за длабока вмешаност во корупција во таа земја.