Комплетно реновирани амбулантскиот дел, Ургентниот центар и чекалницата на Клиниката за детски болести

LinkSense.mk

„Во Универзитетската клиника за детски болести изминатиот период комплетно се реновирани амбулантскиот дел, Ургентниот центар и чекалницата за пациентите, со цел унапредување на условите за третман на пациентите, како и условите за работа на персоналот на оваа клиника“, соопшти Министерството за здравство.

„Амбулантскиот дел е целосно обновен со нова опрема, извршени се бројни градежни зафати, поставени нови прозорци, нова електрика, а во дел од просториите се променети таванот и подот. Комплетно се обновени тоалетите за пациентите и персоналот и набавен е нов мебел, наменет за овие оддели. Со цел непречено функционирање на клиниката во услови на пандемија на коронавирусот, се применуваат посебни мерки за заштита и во таа насока се поставени нови шалтери за прием на пациенти, како и нови столчиња во чекалницата на пациентите. Исто така, комплетно се реновирани и опремени клиничката аптека, помошните простории и пералницата“, посочуваат од Министерството.

Во однос на актуелната состојба со коронавирусот, од Клиниката апелираат до родителите кои имаат потреба да ги донесат своите деца на преглед, да ги почитуваат мерките за заштита препорачани од Министерството за здравство: носење задолжителна заштита на лицето на родителот и детето, одржување најмалку два метра физичка дистанца и честа хигиена на раце.

Од Клиниката велат дека децата заслужуваат секогаш повеќе и подобро и најавуваат дека многу скоро продолжува обновата и на другите нивни одделенија.