Коронавирус во Германија: Забрането задржување при прошетка

Во неколку поголеми градови во Северна Рајна-Вестфалија, на граѓаните им е забрането да се задржуваат во центарот и на главните шеталишта. „Шпигел“ пишува за оваа мерка.

Откако илјадници луѓе ги преплавија шеталиштата на реката Рајна во Диселдорф во текот на изминатите сончеви викенди, градската управа донесе одлука да им забрани на граѓаните да се задржуваат на едно место. Забраната ќе остане на сила до 14 март.

Па така, шетачите покрај реката Рајна, кои застануваа да пијат кафе, да јадат, или пак ги окупираа тревниците за пикник, преку мегафон беа повикувани да заминат.
Магазинот Шпигел информира за оваа пракса во својата репортажа:

„Строг машки глас одекнува од звучниците на комбето на комуналната полиција, кое вели – Без задржувања!“

Оваа служба, заедно со полицијата, го надгледува придржувањето до новото правило, чие непочитување претставува кршење на јавниот ред и мир. Со други зборови: ако седнете да јадете сладолед, ако едноставно застанете и уживате во погледот кон небото, ризикувате казна од 50 евра“, пишува Шпигел.

Во написот се опишува состојбата од претходниот викенд и се наведува дека многу полицајци патролирале во „забранетата зона“ на градот. Овие мерки се важни за „да им се помогне на луѓето подобро да се придржуваат до потребните правила за заштита од коронавирусот“, го цитира весникот храдоначалникот на Диселдорф, Стефан Келер (ЦДУ).

Еден граѓанин се обиде да ја спречи забраната со поднесување тужба по итна постапка. Но, во петокот попладне Управниот суд брзо ја отфрли тужбата. Причината за тоа е дека здравјето на населението е поважно од приватните интереси на тужителот.

Брканица во Хамбург

Шпигел пишува и дека другите германски градови испратиле бројни полицајци и службеници на шеталиштата за да го следат носењето маски на отворено. Така, во Хамбург, полициски хеликоптер кружеше над паркот Алстер, со цел да се спречат поголеми собири на луѓе.

Во тој град имаше голема потера во петокот. Еден млад човек – во моментот кога полициска патрола помина покрај нив – ги прегрна неговите пријатели. Кога полицијата се обиде да го идентификува, младиот човек побегна. Полицијата го бркаше со полициски автомобил и – како што покажува видеото од случаен минувач – за малку ќе го прегазеше.

„Тие ја преминаа границата“

Најновите мерки во Диселдорф не беа без ефект. Изминатиот викенд, и покрај убавото топло и сончево време, имаше помалку луѓе на шеталиштето покрај Рајна од вообичаеното. Но, „се чини дека разбирањето за рестриктивни мерки драматично опаѓа”, пишува Шпигел, наведувајќи дека се’ повеќе луѓе се потсмеваат на овие прописи на интернет. Притоа се цитира млада мајка, која додека со детето во скут седи на клупа, вели дека „ова ја премина границата дури и за оние кои се подготвени да ги почитуваат мерките”.

Symbolbild Deutschland Coronavirus SommerferienИзминатиот викенд, и покрај убавото топло и сончево време, имаше помалку луѓе на шеталиштето покрај Рајна од вообичаеното 

Веднаш штом седна, тим на комунални работници љубезно ја замолија да стане и да продолжи понатаму, со забелешка: „Денес само ве предупредуваме“. Мајката послушно станува и нејзиниот петгодишен син ја прашува: „Дали направивме голема беља?“ Во написот се вели дека само тврдоглавите луѓе треба да платат казна од 50 евра.

Шпигел наведува и други апсурдни ситуации со кои се соочуваат луѓето кои излегле на чист воздух. Така, веднаш било предупредено четиричлено семејство, кое седело на клупа и отворило хартиена кеса со брза храна.

„Може да се јаде без маска, но само на прошетка“, цитираше Шпигел една полицајка. Семејството станува, чека да замине патролата и потоа повторно седнува. Ваквата практика беше вообичаена минатата сабота во Диселдорф.

Чекањето во ред е дозволено

„Шпигел“ наведува дека сите со кои разговарале сметаат дека мерките отишле предалеку, особено за сопствениците на ресторани. Еден од нив ја прашува полицијата дали може да го отвори барот за да продаваат пијалоци на улица, бидејќи може да се направи редица. Одговорот е – дека стоењето во ред е исклучок од правилото за забрана за останување на едно место.

Deutschland I Coronavirus - Einkaufen vor dem LockdownЧекање ред во Минхен 

Петнаесет лица, кои носеа маски со натпис: „Ангела Меркел мора да си замине“, се собраа на протест. И пред да започнат, демонстрациите беа прекинати.

Томас (43), со кого новинарот на Шпигел седел во возот на релација Вупертал-Диселдорф, верува дека станува збор за лов на луѓе кои сакаат само да излезат на свеж воздух. Тој вели дека ќе оди на прошетка од другата страна на Рајна каде што нема контроли.

Но, има и такви кои ги поддржуваат мерките. „Многу луѓе се само невнимателни“, вели 61-годишна жена која отишла на прошетка со сопругот.
И, за да биде збунетоста уште поголема, од мегафонот на службениот автомобил којшто кружи низ Диселдорф одекнува дека граѓаните мора да се придржуваат до мерките за заштита од „таканаречениот вирус на корона“.

„Тоа е формулација што ги тера пешаците да мислат дека комуналните услуги и полицијата се сомневаат во постоење на вирусот“, пишува Шпигел.

ИЗВОР: ДВ