Косовско-македонскиот филм „Барајќи ја Венера“ во селекција на фестивалот во Ротердам

Светската премиера на долгометражниот игран филм „Барајќи ја Венера“, кој е косовскомакедонска копродукција, ќе се одржи во февруари на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам, селектиран во програмата Tiger Competition.

Филмот е дебитанско остварување на режисерката Норика Сефа, снимен од продукциите „Круг филм“ и „Аудиохаус“ и поддржан од нашата Агенција за филм. Тонската постпродукција и звучниот дизајн беше сработен во продуцентската куќа „Аудиохаус“ од Скопје.

Македонски продуценти на проектот се Дејан Крајчевски и Игор Поповски.

Од косовска страана продуцент е Бесник Крапи, сценариото е на Сефа, а кинематографер е Луис Армандо Артеага.

„Филмот раскажува приказна за скромната тинејџерка Венера која живее во мало село во Косово. Во нејзиниот дом живеат три генерации, така што таа нема многу приватност. Надвор, на улиците и во кафулето, не е многу подобро: селото е мало и секогаш има брат, внук или сосед, кој внимава на неа. Од една девојка се очекува пред сè да ја заштити својата добра репутација–и таа на нејзиното семејство…Станува збор за исклучително сензибилен филм во кој македонската поддршка во тонскиот дизајн и конечната реализација беше клучна да се реализира вакво несекојдневно
остварување кое стана дел од трката за награда во еден од најзначајните европски филмски фестивали. Се радуваме на успехот и се надеваме дека регионалните копродукции се еден од начините да станеме дел од европската карта на филмските фестивали“, соопштија продукциите.