И Данска е на наша страна: Македонија мора да е во ЕУ

Данска смета дека Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската унија и за тоа тие ќе се залагаат. Данците се надеваат дека подоцна годинава сите 27 земји членки на Унијата ќе застанат зад Македонија.

Ставот на официјален Копенхаген го пренесе данскиот министер за надворешни работи, Јепе Кофод, кој претстојува во официјална посета на земјава.

Тие, истакна тој, цврсто застанале зад Македонија и ги поддржувале реформите што земјата ги презема изминатите години, но и претходно.

„Сметаме дека Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската унија и ние за тоа ќе се залагаме. Се надевам дека разговорите меѓу Македонија и Бугарија ќе дадат резултат. Ние сме фокусирани врз европската интеграција и многу е важно да се сфати дека реформите и работата во правец на интеграцијата треба да продолжат. За нас е многу јасно дека сте подготвени за членство. Се надевам дека подоцна оваа година или што е најрано можно ќе донесеме одлука и се надевам дека сите 27 земји членки на ЕУ, вклучително и Бугарија, ќе застанат зад таквата одлука“, порача министерот Кофод.

Тема на денешната средба меѓу двајцата министри било европското досие на Македонија и на целиот регион на Западниот Балкан, а станало збор и за актуелните теми во меѓународните односи и безбедноста, пред се состојбите во Авганистан и ангажманите на државите за помагање и згрижување на цивилното население.

Двајцата соговорници разговараат и за билатералните односи меѓу двете земји, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план и можноста за нејзино унапредување.

Македонија е првата земја од регионот што Кофод ја посетува, како дел од неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан.