Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Кожани изјавил дека „Грчката влада не отстапува од своите ставови и нема да потклекне под притисоци за прием на БЈРМ во НАТО под привремената референца, како што се слуша во последно време од различни политички и медиумски извори и во двете држави.
„Сега кога работите се стабилизираа, одново ќе дојдат некои европски политичари и ќе кажат дека, за да се стабилизира државата, треба да се внесе во НАТО и во ЕУ. Ние немаме ништо против, но тие треба да ги исполнат своите обврски, да престанат со иредентизам и да прифатат компромис во спорот за името“, рекол Коѕиас.
Тој потврдил дека во среда треба да се сретне со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, но дека нема да стане збор за спорот за името туку за методот како ќе продолжат преговорите понатаму. Од оваа средба ќе зависи дали новата македонската Влада има пријателски став кон Грција, оценил грчкиот министер кој од македонските власти бара да покажат култура на компромис.
Во врска со изјавите на Коѕијас, вчера се огласи со соопштение ВМРО ДПМНЕ, во кое се вели дека ваквите изјави не се во прилог на добрососедските односи. Оваа опозициска партија смета дека Македонија ги исполнил сите услови за членство во НАТО уште во 2008 година на самитот во Букурешт, а само заради непринципиелната блокада од страна на Грција, во моментов Македонија не е членка на НАТО.
„ВМРО-ДПМНЕ смета дека процесот веднаш треба да се деблокира и да се исправат неправедните одлуки. Македонија заслужува да стане членка на НАТО што е можно побргу. Со нашето учество во меѓународните мисии, сите овие години покажавме дека имаме капацитет и знаење да бидеме рамноправен партнер. Изјавите на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во кои се повторуваат црвените линии на Грција, не одат во прилог на добрососедските односи“, се вели во реакцијата од партијата.
Според соопштението на СДСМ, пак, новата Влада ги отвора евро-атлантските перспективи и ги придвижува интеграциските процеси за членство во ЕУ и НАТО како врвен државен и граѓански интерес. „За таа цел, неопходно е сите, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ како конструктивна опозиција, активно да ги поддржат реформите што значат продолжување на интегративните процеси на Македонија“, се наведува во соопштението од СДСМ
Лицемерно е од ВМРО-ДПМНЕ да зборуваат за евро-интеграции кога за 11 години власт, правеа се за да ја оддалечат Македонија од евро-атлантските интеграци велат од СДСМ.







