Словачкиот писател Јурај Цинтула, кој пукаше во словачкиот премиер Роберт Фицо, вели дека го направил тоа затоа што не се согласувал со политиката на владата.
Порталот „новини.ск“ ја објави изјавата која на полицијата и ја дал Цинтула, веднаш по неговото апсење.
„Не се согласувам со политиката на владата. На крајот на краиштата, медиумите се ликвидираат, зошто се напаѓа РТВС, Мазак, зошто е сменет?“, наводно изјавил атентаторот.
Неколку сведоци изјавија дека атентаторот најпрвин му викал на Фицо: „Робо, дај ми ја раката“, а кога Фицо му пришол и му ја пружил раката, Цинтула пукал во него.
Наводно пукал пет пати, а три куршуми го погодиле премиерот.
Порталот „Актуалити“ стапил во контакт со синот на атентаторот. Тој потврдил дека неговиот татко легално поседува оружје ЧЗ 9 мм. Но, негирал дека некогаш спомнал дека планирал напад врз Фицо.
„Немам поим што правеше татко ми, што планираше, зошто се случи ова“, рече тој.На прашањето дали татко му го мрази премиерот, одговорил: „Ова ќе ви го кажам – не гласаше за него“.
„Можеби му се случил некој ‘краток спој’, не знам. Тој е со малку поимпулсивен карактер, но никогаш не отишол не бил на психијатар“, вели синот на атентаторот.
Цинтула е основач на Литературниот клуб „Духа“ и член на Друштвото на словачки писатели.
„Скај њуз“ објави дека станува збор за поранешен чувар во трговски центар. Во 2016 година, додека работел како обезбедување во трговскиот центар во Левице, бил нападнат од еден од купувачите, јавуваат словачките медиуми.
„Беше дрогиран. Почна да фрла пилиња од полиците на земја, а потоа почна да ги шутира и да жонглира со нив“, им изјавил тогаш Цинтула на медиумите.
Младиот човек го нападнал Цинтула, го тепал со тупаници, а на крајот го совладала полицијата. Се претпоставува дека токму тогаш Цинтула го набавил пиштолот со кој го застрела Фицо.
Пред осум години, Цинтула објави и повеќе снимки под називот „Против насилството“.Во видеата тој се залагаше дека „сила треба да се покаже со собири против алчните политичари“.Планирал, се чини, да формира и политичка партија под името „Движење против насилството“.
Да потсетиме, Фицо беше застрелан после седницата на владата во Хандлова, на околу 150 километри североисточно од Братислава. Атентатот се случил кога словачкиот премиер отишол меѓу насобраните луѓе.
Според информациите, премиерот е застрелан со неколку истрели во градите и стомакот. Веднаш потоа со хеликоптер бил пренесен во болница и бил опериран.