КРЕДИТ СВИС ВИСИ НА КОНЕЦ: Почна операција за спасување на најголемата глобална банка

LinkSense.mk

Кризата на доверба на големите акционери и депоненти се прелеа од Соединетите Американски Држави, каде што започна со колапсот на Банката на Силиконската долина (Silicon Valley Bank), во Европа, каде што прва на удар се најде најслабата меѓу најголемите европски финансиски играчи;167 години старата Кредит Свис (Credit Suisse).

Акциите вчера им изгубија 25 отсто од вредноста, а раководството се обрати до Швајцарската централна банка, барајќи прво само јавна помош.

Иако главниот извршен директор на Кредит Свис, Улрих Корнер, вели дека имаат соодветна адекватност на капиталот и добра структура на билансот, на крајот на вчерашниот ден се покажа, сосема очекувано, дека Швајцарската централна банка мора да се вклучи финансиски, а не само вербално.

Со цел да се зачува угледот на Швајцарија како една од најважните светски финансиски дестинации, Швајцарската централна банка договори со Кредот Свис операција во која ќе им позајми 50 милијарди швајцарски франци (54 милијарди американски долари) и ќе откупи околу 4 милијарди франци од нивниот долг. Со тоа се надеваат дека ќе обезбедат ликвидност на банката и ќе ги смират акционерите.

Сите погледи во еден акционер

Продажбата на акциите на Кредит Свис е иницирана, меѓу другото, со изјавата на претседателот на Саудиската национална банка дека тие се „апсолутно сигурни“ дека повеќе не сакаат да ја докапитализираат Кредит Свис, затоа што ќе мора да го зголемат својот удел од 9,8 проценти, што за нив би значело нови регулаторни предизвици во Саудиска Арабија, Европската унија и САД.

Во оваа насока, интересно е што целото медиумско и инвеститорско внимание, кога се работи за спасувањето на Кредит Свис, се сврте кон еден единствен арапски инвеститор, заедно со буквално илјадници значајни европски и американски играчи.

Каде исчезна моќта на западниот капитал? Дали сите се премногу исплашени и нервозни поради целиот комплекс на околности, а пред се неизвесноста?

Важно е да се нагласи: Кредит Свис е првата голема глобална банка која, како давеник, пружи рака кон домицилната централна банка, барајќи спасување од последната финансиска криза во 2008 година.

Колку е драматична ситуацијата покажува и фактот што Европската централна банка нареди собирање податоци за изложеноста на големите банки во работењето со Кредит Свис, што значи дека тие многу сериозно сметаат на шансата оваа огромна финансиска куќа да се сруши.

После договорот на Кредит Свис со швајцарската централна банка, можноста за крах изгледа многу помала.

Швајцарската централна банка, како и другите централни банки, може теоретски да осигура неограничени извори на ликвидност, под услов нивната акција на некој начин да не го загрози остатокот од системот.

Превентивна заштита

Во денешното соопштение за медиумите, Кредит Свис велат дека донеле одлука „превентивно да ја заштитат својата ликвидност“ со користење на заем од Швајцарската народна банка.

Тие планираат, пишува Фајнешенел Тајмс, да понудат 10 хартии од вредност деноминирани во долари во вкупна вредност од 2,5 милијарди долари, кои ќе имаат приоритет при наплатата, се со цел да се соберат доволно готовина.

Вакви потези прават компании кои имаат или очекуваат екстремен притисок врз нивната ликвидност.

Условите под кои ќе излезат на пазарот ќе бидат многу скапи.

Планираат да издадат и хартии од вредност со сениоритет деноминиран во евра, но со пониска вредност; пишува за 500 милиони евра.

Швајцарската централна банка им позајми пари на Кредит Свис заради гаранцијата од високата вредност на сопственоста на банката.

Да потсетиме, во текот на минатата година Кредит Свис забележа одлив на средства во износ од енормни 111 милијарди долари, а Корнер во првиот дел од неделата појаснуваше дека тоа „финансиско крварење“ на Кредит Свис продолжило, иако го ублажиле.

Главниот директор постојано повторува: „Мојот тим и јас решивме да тргнеме побрзо во испораката на поедноставна и повеќе фокусирана банка изградена околу потребите на клиентите“. Во основа се работи за фраза.

Кредит Свис веќе некое време се обидува да продаде дел од својето инвестициско работење и да се фокусира на она по што швајцарското банкарство стана познато и славно; управување со личните средства на богати клиенти.

Не е јасно дали може Кредит Свис да ја врати довербата на акционерите со такви приказни. Пред само неколку месеци собраа 4 милијарди швајцарски франци свеж капитал, а сега избезумено се обидуваат да се дофатат до уште повеќе готовина.

Несреќни акционери

Акционерите на Кредит Свис се многу незадоволни; во оваа година нивните акции изгубија 39 отсто од вредноста, а за две години дури 85 отсто, па на многумина вложувањето било што во некогаш респектабилната банка во моментов изгледа како шпекулација од исклучително висок ризик.

А, пак, значителен број косопственици во Кредит Свис се бесни затоа што банката за само неколку години мина низ цела серија скандали – од загуби на големи инвестиции, меѓусебни судири во менаџментот, обвинувања за перење пари од зделки со гангстери, шверцери на дрога и руски олигарси…

Имајќи предвид дека американските институции (Федерални резерви и Американската централна банка) одлучија да ја заштитат Банката на Силиконската долина со тоа што Федералните резерви ќе гарантираат за исплата на сите големи неосигурани депозити (што де факто значи дека спасуваат компании и поединци со милиони депозитни сметки), потегот на Швајцарската централна банка за спасување на Кредит Свис ја зголемува тежината на две клучни прашања за ситуацијата во која најмногу паничат најбогатите:

Прво, во која мера спасувањето на банките со лоши пазарни одлуки е зголемување на системски морален ризик?

Да потсетиме, претседателот на САД минатата недела вети заштита на сите штедачи во Америка, што е размер на јавна гаранција каква што досега не е забележана и значи дека секој може мирно да спие. Дали навистина е можно такво нешто?

Второ, станува многу нејасно што ќе се случи со инфлацијата. Многу финансиски институции од почетокот на годинава тврдат дека имаат докази дека дел од инфлацијата е премногу вкоренет и стравуваат дека инфлациската спирала во иднина ќе се повтори. Затоа, биле подготвени да продолжат со зголемување на каматите и со процесот на квантитативно заострување.

Меѓутоа, после колапсот на моментално најлошите банки во САД и Европа, централните банки се под зголемен притисок да не продолжат да ги креваат каматите или дури да почнат да ги намалуваат.

Бројни инвеститори се надеваат на враќање на времето на ниски каматии, што се совпадна со пукањето на неколку сопственички балони, особено на пазарот на акции и недвижности.

Но, намалувањето на каматите во атмосфера на висока неизвесност со висока базична инфлација сè уште изгледа како избор на рулет наместо стабилизација.

Впрочем, може да се случи дека, поради заштитата на богатите инвеститори и големите штедачи, од инфлацијата ќе настрадаат посиромашните класи, што е исклучително политички опасно од двете страни на океанот. Со други зборови, имаме необична ситуација во која лошиот бизнис на две банки – една американска и една европска – може да го одреди правецот на монетарната политика на најголемите светски централни банки. Како се случи ова само 15 години по финансиската криза и сите научени лекции?

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Извор: „Јутарњи“ / Фото: Блумберг Меркјури)