Кривична пријава против прилепскиот градоначалник

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, се сомничи дека сторил кривично дело – несовесно работење во службата заради што против него е поднесена кривична пријава.

Во пријавата што до Основното јавно обвинителство ја поднесе адвокатот Жарко Стеваноски, се наведува дека Ристески постапил спротивно на членовите 50 од Законот за локална самоуправа и 51 од Статутот на општина Прилеп.

Стеваноски го обвинува градоначалникот Ристески дека, иако бил должен, тој лани не направил полиса за осигурување од штета за општинската зграда и на тој начин не обезбедил заштита на сопственоста на општината.

После извршените вештачења се потврди неодговорното и недомаќинско работење и однесување на локалната власт спрема имотот на Општина Прилеп. Согласно Законот за локална самоуправа и Статутот на Општина Прилеп, градоначалникот е обврзан кон општинскиот имот да постапува и да се однесува како добар домаќин. Градоначалникот е должен за имотот на Општината да склучи договор за осигурување од штета со осигурителна компанија, со цел да ја заштити сопственоста на Општината од штети од било каков вид. Вештачењата потврдија дека тој тоа не го направил и токму затоа општинската зграда остана неисчистена од боите на „Шарената револуција“, Жарко Стеваноски

Токму поради немарноста на Ристески, штетата направена на зградата на општина Прилеп за време на Шарената револуција не може да се надомести, ниту по основ на осигурување, ниту пак по основ на одговорност од трети лица.

Дека Ристески не клучил полиса за осигурување од штета со ниту осигурителна компанија, потврдува вештиот наод и мислење на вештото лице Трајанче Јованоска, изработен на 14 октомври лани.

Висината на штетата е проценета во наодот на вештото лице Зоран Георгиевски.

Утврдено е, наведува Георгиевски, дека во случајов постојат две варијанти за висината на штетата предизвикана од протестите: во првата варијанта таа изнесува 203.000,00 денари, а во втората 1.538.000,00 денари.

Согласно Кривичниот законик, за несовесно работење во службата, покрај парична казна, предвидена е и затворска казна во висина од три месеци до три години.

Марјан Ристески е единствениот градоначалник против кој е поведена ваква постапка, од причина што, заради несклучување на осигурителна полиса, е директно одговорен што Општина Прилеп нема да може да ја надомести направената штета врз општинската зграда.