Крушево го има првиот „Фестивал на храна и култура“

Со прогласувањето на најдобрите млади готвачи на крушевскиот специјалитет „Чомлек“ денеска во Крушево ќе заврши првиот „Фестивал на храна и култура“ што се одржува овој викенд.

Околу 30 млади готвачи, ученици во 8 угостителски средни училишта во земјава и од едно од Лесковац, Србија, викендов во Крушево ги покажуваат својата умешност и кулинарските вештини во приготвувањето на храна, посебно на крушевски специјалитет.

Првиот „Фестивал на храна и култура“ е во организација на крушевското угостителско средно училиште „Наум Наумоски Борче“ со поддршка на локалната самоуправа, Локалниот младински совет и на невладината „Викенд во Крушево“.

Се одржува под мотото „Вкуси го Крушево“. Учесниците, прво, во центарот на Крушево ги претставија специјалитетите од своето поднебје, а потоа имаа задача, во кујната на крушевското училиште да го приготват крушевскиот специјалитет – чомлек со што се
претавија пред крушевчани и пред туристите.

Младите готвачи ги покажуваа својата умешност и кулинарските вештини.

Лазар Илиќ од Лесковац, Србија, вели дека ова е неповторливо искуство.

„Првпат сум во Крушево. Дојдовме да се натпреваруваме и првпат го приготвуваме ова јадење – чомлек. Убаво искуство е ова. ние ги приготвуваме вашите јадења, ги наулчуваме рецептите и кога ќе дојдат кај нас, ги научуваат нашите јадења“, изјави Илиќ додека го приготвуваше крушевскиот специјалитет.

Павел Јанев и Лазар Вујановиќ од скопското средно училиште „Лазар Танев“ ги пренесоа своите впечатоци.

„Првпат приготвувам „крушевски чомлек“, ама се надевам дека ќе биде многу убаво“, рече Јанев.

„За приготвувањето на чомлекот се подготвувавме во училиштето, ама не се знае кој ќе го освои првото место. Се надеваме. Инаку, ние се претставивме со наши специјалитети: скопска тава, слично на селското месо, само одозгора со кашкавал и со зелник од коприва“, објаснува Вујановиќ.

Сара Ценева од Кратово, пак, има искуство со приготвување на специјалитетот.

„Го имам приготвувано крушевскиот чомлек. Ние се претставивме со кратовска пастрмајлија, со пинџур, со мантии, салата од домашен компир. Многу ми е мило што се одржува фестивалот. Добивме нови сознанија, се дружиме со врсниците од многу градови“, изјави Цанева.

Милош Ѓорѓевиќ, професор од Лесковац, Србија смета дека фестивалот е одличен настан за размена на сознанија и на дружење.

„Доаѓаме, како тим, првпат, за да ја видиме атмосферата, да видиме како се приготвува рецептот за вашето национално јадење – крушевски чомлек. Во Крушево, на Фестивалот, се претставивме со наши специјалитети од Лесковац: со „лесковечки воз“(лесковечка скара), со салати: „трљаница“, „моравска“, баница со сукани кори, кисело млеко и наше предјадење со повеќе видови сирења и чадено месо. Мислам дека публиката беше задоволна. Фестивалот за нашето училиште е големо искуство, се запознавме со поднебјето, со културата, осознавме нови рецепти и начини на готвење и големо е дружењето. Се надевам дека традицијата ќе продолжи, а со тоа и дружењето“, рече Ѓорѓевиќ.

Христијан Јорданоски е шеф на кујна во Хрватска, но и судија на натпреварувањето.

Нагласува дека има критериуми за најдобро приготвен специјалитет и смета дека младите кулинари треба да остварат кариера во земјава.

„Учениците и младите готвачи покажаа како се приготвува „крушевскиот чомлек“. Битни беа неколку критериуми. Се оценуваа вкусот, начинот на приготвувањето и како се снаоѓаат во кујната како тим. Има голем интерес за угостителската струка кај младите. Според моето искуство, доста се успешни. Професијата готвач е барана и, за жал, повеќе успеваат во странство отколку дома“, рече Јорданоски.

Љупчо Крстевски, професор во крушевското угостителско училиште „Наум Наумоски Борче“ ја нагласи важноста на фестивалот и неговата цел за промоција на Крушево, на традиционалната крушевска храна и на културните знаменитости.

„Првпат во Крушево се организира Фестивал на храна и култура, насловен „Тејст Крушево“. Имаме 30-ина учесници од осум угостителски училишта од земјава и од едно од Лесковац, Србија. Својата основа за да стане традиционален, Фестивалот ја постави минатата година. Целта на фестивалот, прво, е промоција на Крушево, на традиционалната крушевска храна, на културните знаменитости. Токму туристите најмногу ги сакаат традиционалните јадења, особено се бараат: питите, крушевското
грне и чомлекот кој, официјално за натпреварот го приготвуваа екипите“, рече Крстевски.

Професорот Оливера Карева Скола се надева на голема фестивалска традиција.

„Овој Фестивал за младите, идни готвачи, значи многу: големо дружење, стекнување нови сознанија в о кулинарството и се надеваме дека ќе стане традиција“, рече Карева Скола.

Првиот фестивал на храна и култура во Крушево денеска ќе заврши со прогласувањето на најуспешните готвачи на крушевскиот специјалитет „чомлек“.