Кулеба: Околу 20.000 странски доброволци аплицираат за да војуваат во Украина против Русија

LinkSense.mk

Досега околу 20.000 странски доброволци аплицираа да и помогнат на Украина во борбата против Русија, изјави денеска украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

„Во моментов нивниот број е околу 20.000. Тие главно доаѓаат од европските земји, изјави Кулеба за Си-Ен-Ен, додавајќи дека многу луѓе ја „мразеле Русија“ со години, но не им било дозволено да и се спротивстават. Тој рече дека има доброволци од 52 држави, но не сакаше да прецизира за кои земји станува збор.

Кулеба оцени дека иако ја разбира „потребата на луѓето да се борат“, поважно е да се добие политичка, економска и воена помош од светот.

Кон крајот на февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави формирање на „меѓународна легија“ од странски борци за да помогне во одбивањето на руската инвазија.

Доброволците се поканети да аплицираат во украинските амбасади во нивните земји.

 

 

извор: МИА