Курц најави ублажување на епидемиолошките мерки

Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска соопшти дека од 19 мај ќе следи ублажување на епидемиолошките мерки во целата земја.

Среќен сум што се потврдија прогнозите. До почетокот на летото да се вратиме во нормала. Се наоѓаме на последните метри од пандемијата“, нагласи Курц на конференцијата за печат.

Тој соопшти дека од 19 мај ќе следи попуштање на мерките, а со тоа отварање на угостителските објекти, спортот, туризмот.

Во врска со тоа, нагласи дека граѓаните со таканаречениот „зелен пасош“, со доказ за прележано ковид заболување, со негативен тест или вакцинација, ќе добијат пристап до тие објекти.

Меѓу другото, рече и дека моментната состојба изгледала добро, но и дека таа и понатаму ќе се следи за навреме да се реагира во случај на нејзино влошување.

Училиштата нормално ќе почнат да работат од 26 април, основците секојдневно, а постарите во смени.

Вицеканцеларот Валтер Коглер соопшти дека од 19 мај ќе почнат да работат и културните институции, со одредени ограничувања за бројот на посетители.