Курц: Ова е војна на цивилизацијата и варварството која ќе ја водиме одлучно

– Австрискиот канцелар Себастијан Курц порача денеска, по терористичкиот напад во Виена, дека не смее да се дозволи остварување на целта на терористите, а тоа е создавање раздор во општеството.

Курц во своето обраќање до граѓаните на Австрија, истакна дека синоќа терорист ладнокрвно убил четворица цивили од непосредна близина. Во нападот биле повредени еден полицаец и уште 14 лица, од кои некои се во животна опасност.

– Често мислевме дека Австрија е остров на спокојство, а насилството и тероризмот ги познававме само од странските вести. Тажна е вистината дека живееме во безбедна земја, но во небезбеден свет, нагласи австрискиот канцелар.

Тој додаде дека е потврдено оти станува збор за исламистички напад, извршен од омраза кон основните вредности, моделот на живот, демократијата во која сите граѓани имаат еднакви права.

– Синоќешниот настан ќе влезе во историјата како трагичен ден кога се убиени наши сограѓани, но тоа беше напад врз сите нас. Сигурно нема да дозволиме тоа да не заплаши. Нашите основни вредности, слободата и демократијата ќе ги браниме со сета сила, а извршителите на злосторството, луѓето кои стојат зад него, ќе бидат исправени пред лицето на правдата, изјави Курц.