Лавров ја напушти седницата на Г-20

LinkSense.mk

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров го напушти министерскиот состанок на Групата Г-20 додека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од говорницата ја критикуваше Москва заради војната во Украина.

Министрите за надворешни работи на државите-членки на групата Г-20 на состанокот што се одржува на островот Бали демонстрираа длабоки несогласувања по однос војната во Украина, како и за глобалните последици од тој судир.

На состанокот на кој првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина на исто место беа Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, домаќинот Индонезија упати емитивен апел за единство и окончување на војната.

Индонезиската министерка за надворешни работи Ретно Марсуди ги повика учесниците, меѓу кои и шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји, да ја надминат меѓусебната недоверба заради планетарните предизвици, од пандемијата на коронавирусот, преку климатските промени до војната во Украина.

Таа посочи дека сиромашните и земјите во развој се соочуваат со недостиг на гориво и жито како последица на војната во Украина, нагласувајќи ја одговорноста на Групата Г-20 за сериозен пристап кон предизвиците.

Независно таквиот апел, впечатоците од собирот се дека е невозможно постигнување консензус во мигови на длабоки поделби меѓу Истокот и Западот, со Кина и Русија на една и САД и Европа на друга страна.

Агенциите објавуваат дека Лавров и Блинкен не покажале било каков интерес еден за друг и воопшто не планираат средба.

Лавров кој веднаш после обраќањето ја напушти салата, а набргу и состанокот, изјави дека Русите не тие „кои ги прекинале сите контакти туку САД“.

„Тоа е се што можам да кажам. И не трчаме по било кој што ќе закаже состаноци. Доколку сакаат да зборуваат, тоа е нивен избор“, рече шефот на руската дипломатија.

Блинкен набргу потоа директно ја обвини Москва дека блокира милиони тони жито во украинските пристаништа и со тоа предизвикува недостиг од храна во големи делови на светот.

„Порака до нашите руски колеги: Украина не е ваша земја. Нејзиното жито не е ваше. Зошто ги блокирате пристаништата? Треба да дозволите излез за житото“, рече Блинкен.

Пред да го напушти состанокот Лавров двапати излезе од салата, и тоа кога на говорницата беше Аналена Бербок и непосредно пред обраќањето на украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба.

Една од целите на денешниот состанок беше поставување основа за ноемврискиот Самит на Г-20 на кој домаќин ќе биде Индонезија.

Русија и натаму е членка на Г-20 независно санкциите што Запад ги воведе против неа поради војната во Украина, но САД и нивните сојузници најавија дека ќе го бојкотираат престојниот Самит доколку на него биде повикан рускиот претседател Владимир Путин.

Украина не е членка на Групата, но нејзиниот претседател Володимир Зеленски е повикан да присуствува на престојниот Самит. Зеленски рече дека нема да патува во Индонезија доколку дотогаш војната не заврши.

Министерскиот состанок на Г-20 започна само неколку часа по поднесената оставка на британскиот премиер Борис Џонсон, по што британската министерка за надворешни работи Лиз Трус го напушти состанокот, а за време на состанокот се случи и нападот врз поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе кој подоцна им подлегна на повредите.

Членки на Г-20 се САД, Русија, Кина, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Турција, Канада, Мексико, Бразил, Аргентина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Индонезија, Саудиска Арабија, Јужна Африка и Европска унија. Тие имаат удел од 80 проценти во светската економија и сочинуваат околу две третини од светската популација.

 

 

МИА