ЛИКВИДАЦИЈА: Двајца убиени и еден ранет во ресторан во Скопје

LinkSense.mk

Двајца убиени и еден ранет е исходот од синоќешното пукање што околу 20 часот се случи во ресторан на улицата „Самоилова“ во Старата скопска чаршија.

Засега нема многу официјални информации за убиствата.

Според она што го соопшти Обвинителството, нападот го извршиле неколку маскирани лица кои со огнено оружје влегле во барот и пукале кон жртвите. Двајца починале веднаш, а пак едно лице со прострелни рани во двете нозе било однесено во болница. По укажаната лекарска помош пуштен е дома.

„Според првичните информации, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на лице место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош. Најдени се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издаде сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите“, велат од Обвинителството.

Неофицијалните информации се дека убиените се Јетон Кривањева и Енес Исени.

Кривањева, Исени и лицето за кого се знае дека е со иницијали А.Т. биле на горниот кат во ресторанот што е на влезот на Чаршијата од кај Кале. Околу 20 часот во угостителскиот објект влегле маскирани лица вооружени со пушки и пиштоли и отвориле оган кон тројцата. Веднаш потоа напаѓачите излегле од таму и со автомобил „ауди 6“ избегале. Возилото потоа е пронајдено запалено во атарот на Горно Оризари.

Убиениот Кривањева, наводно, бил дел од групата кон која се пукаше во 2019 година во хотелот „Александар Палас“.

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: 360 степени)