Локални избори 2021: До 11 часот најголема излезност во Новаци, а најмала во Врапчиште

LinkSense.mk

Од обработени 73,1 отсто од податоците до 11 часот гласале 10,22 проценти од гласачите или вкупно 135.906 граѓани.

Најголема излезност е регистрирана во Новаци над 26 проценти, а најмала во Врапчиште, 4,9 проценти. Голема излезност се бележи во Крила Паланка и Вевчани, каде на гласање излезле 10, односно 18 отсто од гласачите. Во Боговиње и Желино за првите четири часа излегле 5,2 и 5,3 отсто од регистрираните со право на глас.

Во Скопје, во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров и Гази Баба до 11 часот на гласање излегле околу 11 проценти од гласачите. Во Сарај излезноста е 5,3 отсто, во Шуто Оризари е 6,2, а во Чаир е 7 отсто.

„Во однос на општините во коишто имало највисока излезност би ги издвоиле Новаци со 25,84 проценти, потоа Крива Паланка со 20,44 проценти, Вевчани со 18,61 проценти, Лозово 17,51 процент, Кривогаштани 17,43 проценти. Општина со најнизок процент на излезност до 11 часот, според податоците коишто сме ги добиле од терен, е Врапчиште со 4,92 проценти, информираше портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска.

Гласањето тече на сите избирачки места, но на одреден број избирачки места имало прекини, и тоа поради лошо ракување со уредите за биометриска идентификација.

„Проблемите со лошо ракување во комуникација со техничката служба овде во ДИК и техничките лица коишто се на терен избирачките одбори ги надминуваат. Во однос на лошиот квалитет на базата на отпечатоци, како последица на избирачките места се јавува најчест проблем со непрепознавање на отпечатоците на гласачите во самиот уред. Она што во Законот, Изборниот законик и во упатството на Државната изборна комисија, и во останатите подзаконски акти е предвидено, дека во таков случај постапката продолжува со скенирање на личниот документ на гласачот во самиот скенер којшто е во склоп на уредот за биометриска идентификација на гласачите или со внесување на Единствениот матичен број на гласачот, напомена Гугучевска.