Локални избори 2021: До 9 часот излезноста е 5,25%

LinkSense.mk

„Сите гласачки места се отворени навреме и гласањето тече непречено, а одѕивот до 9 часот е 5,25 отсто. На гласање до тогаш излегле 56.700 гласачи“, информираше утринава на прес конференција претседателот на Државната изборна комисија.

Технички проблеми, напомена, имало само на четири избирачки места во државата и дека се било надминато.

„Проблеми имаше на едно место во Карпош, едно во Македонски Брод и на две во Сарај. Веќе се надминати проблемите кои биле од технички карактер. Мемориските картички се заменети и гласањето продолжи. Онаму каде што прекинот бил подолг од еден час, гласањето ќе продолжи“, рече Даштевски.

Според податоците со кои располага комисијата, до 9 часот во Ранковце процентот на излезност е 15,23, во Конче е 14,28, во Пехчево 13,73, Лозово 11,89, Зелениково 11,74, Кратово 11,02, Пробиштип 10,94, Демир Хисар 10,88, Вевчани 10,51, Ресен 9,18, а другите се под 9 отсто.

Се гласа на 2481 избирачко место во 44 општини и во Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, а во Дебар и во Шуто Оризари се повторува првиот круг.

За пријавување неправилности активна е бесплатната телефонска линија 0800 555 44, а пак лицата со оштетен слух и говор на 076-488-360 преку видео повик можат да постават прашање до ДИК и да добијат одговор на знаковен јазик.

 

 

 

(Фото: МИА)