Локални избори 2021: Избирачките места навреме отворени, гласањето тече непречено

LinkSense.mk

Од вкупно 1.824.864 избирачи, до 9.30 часот до ДИК пристигнале податоци од 1.325 избирачки места или 38,07 отсто. Вкупен број на запишани избирачи во избирачки места од кои пристигнале податоци е 714.568, а вкупен број на избирачи кои гласале во избирачки места од кои пристигнале податоци е 23.468 или 3,28 отсто. Ова го соопшти на денешната прва прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Тој информира гласањето почна во 7 часот. Сите избирачки места се отворени од избирачките одбори и процесот на гласање е во тек и во најголем дел се одвива непречено.
„Во одредени избирачки места кои се во помал број се појавија одредени потешкотии околу ракувањето со уредите, дел од нив веќе се надминати, а дел тековно се отстрануваат со помош на техничките лица на самите избирачки места. Во некои избирачки места каде поради лоши отпечатоци не можат да се препознаат, гласањето тече со оставање отпечток во хартиениот избирачки список, во кои се запишани гласачите и им се овозможува да гласаат понатаму“, изјави Даштевски.

Државната изборна комисија, како што истакна, испратила е-маил до сите Општински изборни комисии кои ќе го проследат до избирачките одбори. Тоа биле насоки за работа, за тоа дека доколку гласачот неспорно е идентификуван во избирачкиот список, а уредот за биометриска идентифиакција не го препознава и по неколку обиди, на гласачот му се дозволува да гласа со оставање отисок на прст во изводот од избирачкиот спсисок во графата за отисок на прст. Стариот начин на гласање со употреба на спреј и УВ-ламба се применува само ако уредот за биометриска идентифиакција на гласачот е неупотреблив или нема можност за негова замена.

Даштевски ги повика граѓаните да излезат на гласање помасовно и најави повеќе информации на следната прес-конференција.