ЛОША МАТЕМАТИКА: На Даравелски, сепак, не му застарела казната

LinkSense.mk

Судот во Куманово пресметал дека на поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, не му е застарено извршувањето на казната, заради што тој, засега, останува во затворот во Идризово.

„Застареноста ја констатира надлежен суд. Од известувањето кое го добивме од судот во Куманово апсолутна застареност на извршувањето на казната по пресуда на Основниот суд Скопје 1, К.бр.809/05 настапува на 26.03 2028 година“, велат од Министерството за правда.

Првичните пресметки укажуваа на застареност, бидејќи поминале повеќе од 10 години откако бил правосилно осуден, но не биле земени во предвид барањата за екстрадиција, кога се прекинуваат роковите на застарување, заради што паднаа во вода шпекулациите дека Даравелски веднаш ќе биде пуштен од затвор.

Последен пат екстрадиција на поранешниот директор на македонската царина била побарана во јуни 2020 година, што го поместило рокот на застарување, во 2028 година.

Даравелски вчера беше уапсен на граничниот премин „Табановце“, по 20 години поминати во бегство.

Тој беше осуден на седум години затвор во отсуство во 2007 година за Злоупотреба на службената положба и овластувања и се бараше со меѓународна потерница. Според пресудата, во периодот од 1999 до 2002 година го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра.

Единствената надеж на Даравелски сега, се чини, е да бара повторено судење, што впрочем и му следува, со оглед на фактот дека првиот пат бил осуден во отсуство.