Македонија се надева на бугарска поддршка во јуни

Комуникацијата на релација Скопје – Софија се интензивира во пресрет на Самитот на ЕУ на 22 јуни на кој македонската страна се надева на поддршка од Бугарија за следниот чекор во процесот на евроинтеграциите – одржување на првата меѓувладина конференција со Европската унија односно официјален старт на пристапните преговори.

Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за односите со Бугарија и дали има некакво раздвижување, посочи дека комуникации постојат со Софија, а првата средба се очекува следната недела на граничниот премин по повод донација на вакцини за Ковид – 19.

„Јас денеска ќе разговарам со претседателот, којшто денеска попладнево се враќа, а ќе имам средба и со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој веќе стапи во контакт со неговиот бугарски колега. Пред два дена телефонски разговарав со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев, и договоривме следни комуникации. Очекуваме следната недела да направиме прва средба на граничниот премин, барем како што е најавено“, рече вчера Заев.

Тој истакна дека конекциите постојат и дека се надева дека навистина во јуни ќе дадат поддршка да го направиме следниот чекор во интегративните процеси на нашата држава.

Шефот на диполоматијата Бујар Османи, пак, повтори дека останува на ставот дека во наредниот период, јуни ја дава најдобрата шанса за почеток на преговорите, и оти пред тоа остануваат уште две недели за да се надминат разликите со Софија.

„Има сериозен ангажаман на Португалското претседателство, знаете и со конкретниот предлог којшто ние го проценивме како добра основа за надминување на разликите. Сметаме дека португалскиот предлог ги адресира сензитивностите на трите страни, нашата страна, бугарската страна и на земјите членки коишто очекуваат дека преговарачкиот процес нема да биде контаминиран со билатерални прашања и дека тоа може да биде добра основа за надминување на разликите“, изјави Османи.

Тој наведе дека продолжуваат со враќањето на довербата со Бугарија и оти постои еден конструктивен однос, конструктивна реторика меѓу нас и бугарската Влада.

„Овие контакти коишто се случија, се важни во враќањето на таа дверба и очекувам таа комуникација да се интензивира во наредниот период. Да се обидеме да ги адресираме сензитивностите и на бугарската страна, меѓутоа се разбира запазувајќи ги и нашите сензитивности во однос на прашањето“, потенцираше Османи.

Поранешниот дописник на Бугарското национално радио (БНР) во Скопје, Мартин Минков, во коментар за надворешно-политичката емисија „Сабота 150“ на програмата „Хоризонт“ на Националното радио, оценува дека претседателите на Бугарија и Македонија, Румен Радев и Стево Пендаровски дадоа знак дека може да се води нормален дијалог со европски пристап – без ултиматуми, но со разумни аргументи да се отвори патот за расчистување на проблемите натрупани во текот на минатата година.

Минков смета дека тоа не може да се случи пред 22 јуни, кога е закажан Самитот на
лидерите на ЕУ. Тој потсети на изјавата дадена од привремениот премиер и министер за надворешни работи на Бугарија дека позицијата на Бугарија е утврдена со Декларацијата усвоена со консензус од Националното собрание и не може да се очекува промена, барем за време на привремената Влада.

Според Минков, позицијата на Бугарија е принципиелна, но треба да биде пофлексибилна, што не значи дека треба да подлегне на притисокот.