Македонска офанзива: По Берлин, Османи ќе ги „освојува“ Копенхаген и Стокхолм

„Европската комисија очекува одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и Албанија што е можно поскоро, ова е јасна позиција на Комисијата, но Советот е тој што треба да ги одобри преговарачките рамки што ги поднесовме пред некое време“, рече портпаролката за проширување на Европската комисија, Ана Писонеро.

Изјавата следуваше откако шефот на германската дипломатија Хајко Мас порача дека Македонија и Албанија не треба да се раздвојат во преговарачкиот процес со ЕУ.

Писонеро на вчерашниот редовен брифинг за новинари истакна дека од португалското претседателство се очекува да ги свика конференциите за двете земји што поскоро.

Мас на вчерашната заедничка прес-конференција во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, јасно порача дека Германија многу сериозно ја гледа европската перспектива на земјите во регионот.

„Тоа особено важи за Северна Македонија која одамна ги исполни условите за пристапување кон ЕУ и затоа минатата есен вложивме многу заложби да ја одржиме првата меѓувладина конференција во рамки на нашето претседателство. Тоа не успеа, но сега за време на португалското претседателство и понатаму работиме на тоа, тоа не само што има смисла туку е и неопходно, имајќи ја предвид довербата што граѓаните од Северна Македонија ја имаат во нас, но исто така и интерес на ЕУ е да бидеме што е можно побрзо во можност да ја отвориме таа пристапна конференција“, рече Мас.

Во поглед на реформите, истакна, дека Македонија продолжува со нив и дека тоа е јасен сигнал до Европската унија дека сме сериозни во нивното спроведување и оти Германија стои на наша страна.

По вчерашните средби во Берлин, на кои Македонија доби недвосмислена поддршка од Германија за пристапување во ЕУ, Османи денеска заминува за Копенхаген, на средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи на Данска, Јепе Кофод.

Османи в среда во Стокхолм ќе биде примен од својот домаќин, министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.

Во Стокхолм е предвидено Османи да го посети и шведскиот Парламент – Риксдаг, каде ќе оствари средби со потпретседателките Лота Форнаве и Кирстен Лундгрен. Во агендата на министерот во рамките на посетата на Шведска се и средбите со Ана Сандстром, советничка за ЕУ на премиерот Стефан Ловен, како и со државната секретарка задолжена за европски прашања, Паула Оловсон.

Турнејата Османи се одвива во период на засилената дипломатска активност, а во контекст на европските интеграции на Македонија. Покрај билатералните односи, централни теми на средбите ќе бидат европското досие на земјава и обезбедувањето поддршка заради имплементација на одлуката за почеток на преговорите од страна на Советот на ЕУ од март минатата година.

 

(Фото: МИА)