Макрон: Во кино или воз само вакцинирани или со ПЦР-тест

Вакцините против ковид-19 ќе бидат задолжителни за француските здравствени работници, а сите кои ќе сакаат да влезат во кино или воз ќе мораат да прикажат доказ за вакцинација или негативен ПЦР-тест, според новите правила кои францускиот претседател Емануел Макрон ги соопшти денес.

Соопштувајќи ги сеопфатните мерки за борба против ширењето на заразата, Макрон рече дека вакцинацијата нема да биде задолжителна за широката јавност, но ги охрабри сите да се вакцинираат, пренесе Ројтерс.

„Мораме да одиме кон вакцинирање на сите Французи, тоа е единствениот пат кон нормалниот живот“, рече Макрон во телевизиското обраќање кон нацијата.

„Новата трка против времето е во тек“, истакна францускиот претседател, мислејќи на многу заразната делта верзија.

Вакцинацијата, исто така, ќе биде задолжителна за луѓето кои работат во домовите за стари лица.

Макрон изјави дека здравствена пропусница ќе биде потребна за присуство на големи настани, за одење во клубови, ресторани, кина и театри.

Таа ќе биде потребна и за користење на меѓуградската железница и авиони од почетокот на август.

„Ќе ја користиме здравствената пропусница што е можно повеќе за да ве мотивираме да се вакцинирате“, порача Макрон.

Здравствената пропусница пружа доказ дека лицето е или вакцинирано против корона вирус или неодамна има негативен ПЦР-тест на ковид-19.