Макрон и Шолц сакаат ЕУ да биде „светска сила“

LinkSense.mk

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска доцна попладнето отпатува во Германија во возвратна посета на канцеларот Олаф Шолц кој неодамна беше во Париз, а во центарот на оваа средба е состојбата во Украина.

Макрон отпатува во Берлин на работна вечера, на покана на германскиот канцелар, шест недели по неговиот престој на Елисеј, што беше негово прво, традиционално патување, по изборите.

Главната тема на разговорот ја диктираат актуелностите. Макрон и Шулц на агендата го имаат руско влијание во регионот и состојбата на украинската граница на Крим.

Тоа е, воедно, и конкретна прилика за Емануел Макрон, како претседавач со Европската унија, да ја спроведе во дело својата намера, гласот на Унијата посилно да се слуша, кога станува збор за големи меѓународни кризи, со желба од ЕУ да направи „светска сила“. Останува да се види дали зборот за една ваква ЕУ, кој ќе го формулираат Макрон и Шолц, ќе се слуша и почитува.

Шолц е тука во една, помалку, непријатна ситуација затоа што ќе мора да балансира помеѓу почитувањето на коалицискиот партнер, „Зелените“, кои бараат кон Москва да се настапи цврсто и неговата партија која заговара помирување со Русија, и преку гасоводот „Северен ток 2“.

Од своја страна, Макрон секогаш се залагал за „потребен дијалог“ со Москва, во што се сложуваше со поранешната канцеларка Ангела Меркел.

Каква е ситуацијата најдобро покажува примерот со тешкото вооружување кое Естонија сака да и го испорача на Украина, но не добива дозвола од Берлин за транспорт, а која е неопходна затоа што станува збор за поранешно оружје од Источна Германија – ГДР. Германците дури велат дека за се мора да се консултираат со Финска!

Ова е можност и за тоа двајцата лидери да се запознаат малку подобро, во порелаксирана атмосфера, на маса, иако светските прилики, вклучително и пандемијата, не се баш погодни за лесен разговор.

Путин-Макрон до крајот на неделата

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот француски колега, Емануел Макрон, ќе разговараат телефонски за ситуацијата околу Украина пред крајот на оваа седмица, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Утре во Париз ќе се одржат преговори во нормандиски формат (Франција, Германија, Русија и Украина) на политички советници.

 

 

 

 

 

(Фото: АП)