Макрон предупредува: Милитантите ќе ја искористат состојбата во Авганистан

Исламските милитанти повторно ќе се обидат да ја искористат нестабилната ситуација во Авганистан“, изјави претседателот на Франција, Емануел Макрон, додавајќи дека неговата земја ќе направи се што е можно за да ги убеди Русија, САД и Европа да одговорат заеднички.

Авганистанските градови паднаа за неколку денови, денес цивилите се обидуваа на сите начини преку аеродромот да го напуштат Кабул, додека претседателот Ашраф Гани одлета вчера, велејќи дека сакал да го избегне крвопролевањето и дека заради тоа Талибанците лесно го освоиле главниот град, пренесува Ројтерс.

Авганистан не смее да стане засолниште за терористи како што некогаш беше. Ова е предизвик за мирот и меѓународната стабилност, а непријателот е заеднички. Ќе направиме се Русија, САД и Европа да можат да соработуваат ефикасно, затоа што нашите интереси се исти. Советот за безбедност на Обединетите нации мора да излезе со заеднички одговор“, нагласи Макрон.

Франција, додаде тој, ќе продолжи да ги заштитува најранливите и да игра улога во меѓународно организираните и фер напори да се подели товарот ако дојде до бран мигранти во Европа.