Макрон тргна кон освојување на гласови за јунските парламентарни избори

LinkSense.mk

Знам дека многумина гласаа за мене не поради моите идеи, туку за да се запре крајната десница. Овие зборови на Емануел Макрон, кои ги изговори изборната ноќ, во неделата, кога дозна дека е реизбран за уште еден петгодишен мандат, најдобро ја илустрираат политичката состојба во која моментно се наоѓа Франција. Зашто, лесно може да се случи Макрон да биде претседател кој всушност нема да може да владее, имајќи предвид дека во јуни претстојат парламентарни избори, на кои резултатот во крајно поделената земја најверојатно ќе биде многу неизвесен.

Макрон освои вкупно 58,5 отсто од гласовите, а Марин Ле Пен 41,5. На ново стариот претседател доверба му дадоа 18,7 милиони Французи со право на глас, додека на кандидатката од редовите на Националниот собир поддршка и пружија 13,2 милиони сонародници. Во помалите места поминаа подеднакво, а во големите градови Макрон беше во водство. За Макрон гласаа оние со повисок степен на образование, додека зад Марин Ле Пен имало повеќе работници.

Тоа е значајна разлика, но треба да се има предвид дека ова е најдобриот резултат што некогаш го добила екстремната десница на претседателските избори во Франција и дека ја одразува фрактурата на општеството.

Ако на тоа се додаде една четвртина од гласачите од првиот круг кои застанаа зад крајниот левичар Жан-Лик Меланшон и исто толку луѓе кои решија да не гласаат, со рекордна апстиненција во последниот половина век од 28 проценти, тогаш јасно е дека Франција е поделена „на четири“.

Тоа најдобро го покажуваат протестите кои избија низ Франција. Не помина ниту еден час од реизборот на Макрон, во неколку градови на улиците излегоа незадоволни, главно млади граѓани, кои се судрија со силите на редот, како што тоа се случи во главниот град.

Собири беа организирани и во Рен, Монпеље, Лион, Стразбур, Нант, Марсеј… Под будното око на полицијата демонстрантите извикуваа „Ни Макрон, ни Ле Пен“, а дел од паролите беа „Ни фашисти, ни либерали“. Тие го сметаат Макрон за „претседател на богатите“. Макрон, инаку, ноќта после победата одлучил да ја помине во резиденцијата „Лантерн во Версај.

Емануел Макрон порача дека овие гласови, оние на Марин Ле Пен, и оние кои „молчеа“ со ливчиња, го обврзуваат. Не им дозволи на приврзаниците да го исвиркуваат името на Ле Пен, нагласувајќи дека тој сега е претседател на сите Французи.

Оваа нова ера нема да биде продолжение на претходниот петгодишен мандат“, најави тој и рече дека вниманието ќе го насочи на порамноправно општество, Франција како голема еколошка нација и на „понезависна Франција и посилна Европа“.

Ќе мора повеќе да се грижи и за безбедноста, имиграцијата, куповната моќ, и да го „избрише“ наследството од ковидот, кое сè уште ја притиска нацијата. Особено ќе биде важно да се фокусира на младите, кои масовно им свртеа грб на двете опции, и на либералниот капитализам и на екстремната десница.

Третиот човек“, Жан-Лук Меланшон, кој во првиот круг доби најмногу гласови токму кај младата генерација, веќе започна кампања за собирање на левицата, целејќи на премиерската функција, нагласувајќи дека „претседателската монархија на Макрон плива во океан на апстиненција“.

На мнозинство на претстојните парламентарни избори се надева и Марин Ле Пен, со поддршка на потврдото крило на десницата, олицетворено во ликот на Ерик Земур. Макрон, пак, од друга страна, очекува да се потврди традицијата и гласачите да му дадат на новоизбраниот шеф на државата парламентарно мнозинство за спроведување во дело на неговата програма. Сепак, последните анкети покажуваат дека 56 отсто од Французите, повеќе од половината, сакаат кохабитација.

Емотивен, длабоко трогнат, со речиси насолзени очи во одредени моменти, Макрон во неделата им се заблагодари на сите што му го дадоа гласот. На пристигнувањето постојано застануваше, блескаше од среќа и се поздравуваше со своите поддржувачи. До бината стигна држејќи се за рака со сопругата Брижит, придружуван од поголема група деца, со звуците на европската химна „Ода на радоста“, пред, на крајот, да одекне „Марсељезата“. Оваа слика беше сосема поинаква од онаа од пред пет години, кога, доаѓајќи на власт, сосема сам прошета на плоштадот пред Лувр. Многумина во ова видоа симболична порака дека во иднина помалку самостално ќе донесува одлуки.

На Запад на многумина им олесна по изборот на Макрон, бидејќи беа свесни дека во спротивно ќе дојде до политички потрес.

 

Ле Пен не се откажува

Марин Ле Пен порача дека милиони Французи гласале за промени и истакна дека е порешителна од кога било да ја продолжи борбата како одговор на изразената загриженост на Французите.

Вечерва почнуваме голема борба за парламентарните избори“, истакна Ле Пен само десет минути откако ја загуби претседателската трка и рече дека „историскиот скор прави надеж за голем број пратеници“.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)