Маричиќ за МИА: Одлуката за преговорите е едногласна, за неа се произнесе и Бугарија, а бугарскиот документ нема правен ефект

Советот за општи работи на ЕУ на 24 март едногласно, а тоа ја вклучува и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија.

Ваквиот заклучок на 26 март едногласно беше потврден и од шефовите на влади и држави во Европскиот совет.

Текстот на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов и тоа е јавно достапен документ.

Ова во изјава за МИА го потенцира техничкиот преговарач на земјава со Европската Унија, Бојан Маричиќ во врска со тоа дали бугарскиот документ кој во медиумите стана актуелен деновиве е препрека за почеток на преговорите со ЕУ или можеби да претставува евентуална препрека во натамошниот процес на итегрирањето на земјава во Унијата.

Маричиќ за МИА нагласи дека изјавата на Бугарија е доставена отпосле по усвојувањето на заклучоците, таа е унилатерална и нема правен ефект врз одлуката за почеток на преговорите.

„Изјавата на Бугарија вложена отпосле во записникот од усвојувањето на заклучоците на Советот за општи работи претставува строго еднострана интерпретативна изјава, која не може да го исклучи или измени правниот ефект на одлуката за почеток на преговорите, ниту значењето и опфатот на заклучоците. Притоа, Бугарија во изјавата јасно се повикува на „свое разбирање“ на имплементацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и рефлектирајќи ја позицијата на нивниот парламент од октомври 2019 година“, појаснува техничкиот преговарач со Унијата.

Документот, нагласува Маричиќ, не значи автоматска блокада и прекин на преговорите уште пред нивниот почеток.

„Тоа не значи дека ние ќе можеме да го игнорираме прашањето на градење на трајно пријателство со Бугарија и со сите други соседи, но не значи автоматска блокада и прекин на преговорите уште пред тие да започнат. Самиот бугарски европратеник Андреј Ковачев вчера изјави дека овие прашање ќе треба да се разговараат и решат до нашето членство во ЕУ, а тоа е процес што ќе трае и ќе овозможи преку механизмите утврдени во Договорот за пријателство и добрососедство  да се постигне разбирање за овие прашања“, вели Маричиќ во изјавата за МИА.

Нагласува дека принципот на добрососедски односи е еден од клучните принципи на ЕУ и очекувањата на македонската страна се тој да биде еден аспект на преговарачкиот процес, а блокадите не одат заедно со градење на пријателство и добрососедство.

„Затоа очекуваме активна соработка, взаемно уважување и многу добра волја и од наша страна и од страна на Бугарија во текот на преговорите. Бугарија е една од државите членки на ЕУ која најскоро се придружи на Унијата, па затоа како блиска соседна држава од неа очекуваме размена на искуства и помош. Секако ние ќе бидеме подготвени за отворен дијалог по сите отворени прашања во текот на преговорите за членство во ЕУ“, истакна Маричиќ.

Документот со сет мерки, кој беше објавен од австрсикиот парламент е подготвен од Парламентот на Бугарија во октомври минатата година, а вчера бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов потенцира дека во Македонија живеат Македонци што го зборуваат македонскиот јазик и тоа е реалност.

„Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец…“, вели Ковачев во интервју за порталот „МКД“.

Ковачев додава дека за земјава да влезе во ЕУ ќе мора да се решат историските прашања. Затоа, вели, многу е битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.

Работата на Комисијата беше ставена на пауза поради парламентарните избори, кои пред коронакризата требаше да се одржат во земјава на 12 април, а сето тоа по барање на македонската страна, се со цел прашањата кои се решаваат во неа да не се користат за партиски препукувања во текот на кампањата.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, која треба да се произнесе за заедничко одбележување личности и настани од заедничката историја и да помогне во надминување на различните толкувања, досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.

Се поврдија проценките и од двете страни дека најмакотрпен период за разгледување ќе бидат токму настаните и личностите од 19 и почетокот на 20 век, периодот на појавата на културни, духовни и политички движења, кои се јавуваат на територијата на земјава, каде што има сериозни разидувања во двете историографии.

Формирана во согласност со Договорот за добрососедство, Комисијата досега одржа вкупно девет средби и утврди препораки за заедничко чествување на свети Кирил и Методиј, свети Климент и свети Наум, на цар Самуил, како и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, а кои беа усвоени од владите на двете страни.