„Ова ново време на светска пандемија, донесе нови предизвици и за правосудството и бара нови решенија како да функционира системот, да продолжат судските рочишта и постапките пред судовите и обвинителствата. Учениците, наставниот кадар и образовниот систем со извонредна посветеност, соочувајќи се со многу предизвици, покажаа дека системот во овие времиња треба и може да функционира и онлајн“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ во видео обраќањето по повод Европскиот ден на правдата.
„За време на вонредната состојба, во судството имаше примери кои потврдија дека може да се функционира и онлајн, што е добар показател дека доколку има таква потреба, во иднина ова може повторно да се воведе во пракса“, рече Маричиќ
Министерот посочи дека во едно демократско општество, многу е важно граѓаните да бидат добро информирани како да си ги остварат своите законски загарантирани права, како да добијат заштита на тие права и како сите да имаат еднаков и фер пристап до правдата.
„Преку бесплатната правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба ќе добијат адвокат и фер судење, но и право да добијат информација или совет за одредено прашање од правна природа“, истакна Маричиќ.
За да биде правдата подостапна за граѓаните, министерот рече дека наскоро се очекува и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари на 6.000 денари.
Тој упати порака до граѓаните дека пандемијата ги засега и човековите права и дека како никогаш досега треба да покажеме единство, одговорност и грижа за здравствениот персонал, кој дава огромни жртви грижејќи се за нашето и здравјето на најблиските.