Маричиќ: Се обидуваме да најдеме начин за онлајн судења

Измените на Законот за кривична постапка, кои се потребни за водење на онлајн судења не се очекува да се донесат во скоро време.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ вели дека во моментот активно се работи на драфтирање на Законот за парична постапка, кој ќе биде наскоро во собраниска процедура.

Додека за ЗКП, рече дека дебата ќе се отвори наредната година.

„Во тек на пандемијата од кога е започната и за време на техничката влада имавме ситуација врз која со Уредба со законска сила и одлуки на Судскиот совет, одредени дејствија во процесите беа префрлени онлајн. Имам добро искуство во Основиот суд во Кавадарци, кое за време на пандемијата успеа да реализира онлајн судење. Не велам дека темата е едноставна, и дека ќе биде лесно, ниту пак дека за брзо време ќе го оствариме тоа. Но сум сигурен дека оваа тема е вредна за размислување, доколку сакаме и обвинителството и судството да ја зајакниме ефикаснота и транспарентноста на судството“, рече Маричиќ.

Како што посочи, Законот за парнична постапка и Законот за кривична постапка секако ќе бидат сменети. И таму има предлози за онлајн судења.

„Ќе ги слушнеме мислењата на судиите, на адвокатите, на обвинителите и секаде каде што ќе утврдиме дека ќе се олеснат судските процеси, ќе постапиме. Има начини како сето ова да се реши, дали со специјални простории во судот кога станува збор за
испрашување сведоци, дали друг начин, но целта е да не се собираат многу луѓе на мал простор. И останувам на идејата за онлајн судења и ќе ја тераме и во иднина. Ако цел обвразовен систем го префрламе да функционира онлајн, ако Владата работи онлајн, тогаш зошто да не се обидеме и судењата да бидат онлајн?“, праша министерот Маричиќ.

Тој воедно истакна дека тие како власт не бегаат од процесни закони (за коишто е потребно двотретинско мнозинство), и дека тоа го докажале во претходните три години кога е донесен Законот за судови, во договор меѓу власта и опозицијата.